Филипче: Системот на солидарност се одложува, никоја земја не доби онолку вакцини колку што очекуваше
Венко Филипче, министерот за здравство, на денешниот брифинг со медиумите рече дека земјите-членки на ЕУ добиле многу помали количини од тоа што планирале по другите механизми, поради што системот на солидарност се одложува. Поради тоа, тој не очекува првите дози против Ковид-19 во Македонија да пристигнат во март.
- Вчера разговаравме со австрискиот амбасадор. Австрија се соочува со истиот проблем и истиот предизвик, затоа оставивме простор да користиме други механизми освен КОВАКС. Освен тој механизам се понудија и европските земји, со кои интензивно преговараме. Тоа се Полска, Бугарија, Грција и сега Австрија. Не е лесно да се произведе вакцина и тоа е долготраен фабрички процес, рече Филипче.
Според министерот, покрај КОВАКС-системот, тука се донациите и препродажбата на вакцини од европските земји, кои како што вели тој, евентуално може да стигнат пред март.
