Филипче: Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за пожарот во Кочани
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за пожарот кој во март годинава се случи во Кочани.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на својот Фб профил објави дека пратениците на СДСМ и Коалицијата утре, до Собранието ќе поднесат предлог за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата која се случи во дискотеката „Пулс“. Филипче ги повика сите пратеници без разлика на која партија и припаѓаат да ги поддржат иницијативите.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања. На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија. Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание“, стои во објавата на претседателот на СДСМ, Филипче.

На протестот „Маршот за ангелите“, кој се одржа на 15 ноември во Скопје сопругата на пејачот од ДНК, Андреј Ѓорѓиески, Наталија Ѓорѓиеска, ги повика пратениците да помогнат во потрагата по вистината за трагедијата. Таа во име на семејствата на загинатите побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што додаде, целосно и независно испитување на случајот.
