Филипче побара од Мицкоски да го признае бугарското малцинство
Претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција денеска истакна дека македонскиот национален идентитет не го загрозуваат малцинствата во Уставот, туку криминалот и корупцијата.
Според него, власта на чело со Христијан Мицкоски намерно сакаат да ja изолираат земјава од Европа.
- Христијан Мицкоски и неговата криминална група ВМРО мора да разберат дека граѓаните многу јасно гледаат што тие прават. Намерно сакаат да ja изолираат земјава од Европа, за да ja сочуваат својата криминална банда на власт. Вметнувањето на малцинствата во Уставот со цел да се почитуваат нивните права не е загрозување на македонскиот национален идентитет. Напротив, тоа е зацврстување на нашиот национален идентитет. Кога малцинствата се дефинирани и се гарантирани со највисок правен акт на државата, тоа не не слабее туку, не прави посилни и ја зајакнува кохезијата во општеството, оцени Филипче.
Според него, единственото што е вистински загрозено со уставните измени е „криминалната група на ВМРО и Христијан Мицкоски лично“.
-Затоа што продолжувањето на европскиот пат значи примена на европски закони и правда. Значи европско јавно обвинителство пред кое нема да можат да командат ниту од собраниска говорница, ниту пак преку нивните јавни телевизиски настапи. Значи крај на наместените тендери, на партискиот грабеж на државни, народни, граѓански пари, рече тој.
Филипче обвини дека Мицкоски и неговата група свесно ја блокираат европската иднина на земјава, „за да ја продолжат кражбата на народните пари“.
Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција истакна дека Филипче чекори по стапките на Зоран Заев и е подготвен е да ги исполни бугарските барања на штета на Македонија.
-Венко Филипче повторно докажа дека е спремен да ја продолжи политиката на Зоран Заев, а тоа е политика на попуштање пред Бугарија и прифаќање на барања кои директно задираат во македонските национални и државни интереси. Новиот премиер на Бугарија, Румен Радев, не е непознат фактор во бугарската политика. Неговите ставови кон Македонија, македонскиот јазик, македонскиот народ, идентитет и историја се добро познати. Тој и досега јасно покажал дека Бугарија нема намера да отстапи од своите позиции, ниту пак да се повлече од условувањата кон Македонија. Напротив, очигледно е дека официјална Софија ќе продолжи со притисоци и блокади секогаш кога тоа ќе ѝ одговара, рече Манасиевски.
