Филипче: Патникот кој пристигна од Германија не е заразен, уште 8 тестирани негативни
Министерот за здравство, Венко Филипче информира дека патникот кој денеска со авион пристигна од Германија и е тестиран е негативен на коронавирусот.
Објави дека патниците кои седеле во негова близина во авионот, а кои беа задржани во изолација на аеродромот во Скопје, се пуштени дома со препораки за задолжително придржување кон мерките и препораките, кои важат за сите патници кои пристигнуваат во земјата.
„Во текот на денов, согласно одлуката на Владата, од два патнички авиони на скопскиот аеродром пристигнати од ризични земји беа вратени вкупно 26 странски државјани. Во меѓувреме попладнево, на коронавирус се тестирани уште 8 пациенти меѓу кои и една медицинска сестра со индикации на болест од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Сите тестови се негативни на вирусот“, информира министерот.
Четворицата пациенти од Дебар позитивни на вирусот, се уште се во Дебар во стабилна состојба и утре ќе бидат донесени во Скопје и хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
