Филипче: Ниту една поплака дека нема лек на рецепта
Венко Филипче, министерот за здравство, се согласува дека до сега нема ниту една поплака од граѓаните за недостиг лекови на рецепт во аптеките по укинувањето на квотите од 1 октомври оваа година.
„По два месеци од укинувањето на квотите на лековите и воведување на електронскиот систем нема поплаки од граѓаните дека не може да го најдат лекот за кој добиле рецепт од матичниот лекар. Во аптеките повеќе ги нема сликите од изминатите месеци кога имаше турканици од луѓе на почетокот од месецот кога осигурениците најмногу ги подигаат лековите затоа што по десетина дена често се случуваше да ги нема лековите на рецепт и ги купуваа приватно“, објави Филипче ба Фејсбук цитирајќи новинарска статија.
Со укинувањето на квотите во аптеките целта е секој пациент да биде снабден со лекови согласно реалните медицински потреби, без да се трупаат залихи на лекови во нивните домови. Претходно често се случуваше на средина на месецот да немаше антибиотици на рецепт, а некои лекови ги немаше уште од почеток на месец. Честиот недостиг на лековите од позитивната листа се должеше на економските калкулации и нерационалнот трошење.
