Филипче: Немаме што да криеме од Антикорупциска за кинеските вакцини
Венко Филипче, министерот за здравство, денеска во Собранието одговараше на пратенички прашања и рече дека министерството соработува со Државната комисија за спречување на корупцијата за набавката за кинеската вакцина „Синофарм“ во која беше вратен авансот.
Државната комисија за спречување на корупција се активираше и побара од Министерството за здравство да им биде доставена целокупната документација за набавката. „Ла Верита“, имено, објави дека комуникацијата меѓу македонската влада со „Синофарм“ се вршела преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која нема никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност. Во јавноста останаа неодговорени прашањата за тоа која е фирмата „Старби Интернешнл“ преку кој бил остварен контакт уште на 25 декември 2020 година и за колкава цена за набавка на вакцините се преговарало. Авансот за вакцините од „Синофарм“ беше вратен, а италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека причината е затоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, а која била наведена во две писма од Филипче до кинескиот производител.
„Процесот на набавка на вакцини беше комплексен во сите земји на светот. Се одеше според големината на пазарот и се применуваше принципот на доверливост. имплементирано во сите земји во светот. Близу 55.000 граѓани до денеска се вакцинирани, функционира КОВАКС-системот кој за волја на вистината започна подоцна отколку што очекувавме.
Многу компании не се согласија да ни продаваат, кинеските компании не ни одговараа на повиците. Нема таква исплата на аванс од 12 милиони евра. И тоа го проверува ДКСК, ние сме отворени и транспарентни, немаме што да скриеме. Самата Кина ни рече дека мора да се фати друг пат. Не станува збор за провизии и за разлики. Еднаш не обвинувате дека не сме ја менаџирале кризата, а сега зошто бараме вацини, рече Филипче.
Министерот потврди дека во петок наутро ќе пристигнат 200.000 дози на „Синофарм“.
