ФИЛИПЧЕ НЕМА ПРОБЛЕМ ДА МУ СЕ НАМАЛИ ПЛАТАТА: Ја поддржува иницијативата за намалување на функционерските плати
Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека ја поддржува иницијативата која вчера до Собранието ја поднесе Сојузот на синдикати, за намалување на функционерските плати.
- Ја поддржуваме иницијативата, се дебатира на темата, која што на синдикатите и на работниците им создава немир, и јас ги разбирам, треба да дебатираме на темата. Апсолутно поддржуваме иницијатива, јас лично и целата пратеничка група, и тоа нека биде јасно дека е партиски став, сме за намалување на функционерските плати. Затоа што и тука го врзувам одговорот со следното прашање: не може одредени категории граѓани да имаат немир и да имаат проблеми. Улогата на Владата е да излезе во пресрет на сите, рече Филипче.
Во однос на протестите на одредени групи граѓани за одземање возила без возачка дозвола, рече дека прекршување на закон не смее да се толерира, меѓутоа мора да се разговара со луѓето, да се види кои се проблемите и да им се понудат решенија, за да може системот да функционира. Тој демантираше дека СДСМ стои зад организирањето на тие протести, истакнувајќи оти за нив разбрал од медиуми.
На новинарско прашање за позицијата на земјава во однос на ЕУ, и дека е зголемена поддршката за влез во ЕУ, но дека мал број граѓани се за промена на Уставот, рече оти е сигурен дека ќе помине некое време во коешто ќе бидеме среќни што сме го имале францускиот предлог на маса и оти ќе ни биде жал што не сме го прифаиле тоа што е понудено од ЕУ.
-Тоа што само 11 проценти од граѓаните ги прифаќаат уставните измени, за мене е еден од сигналите дека навистина се информирани во огромен процент, за жал, од центри за информација, кои шират лажни вести. Кога ќе ја прашате и власта, никој нема против уставните измени сами по себе, никој нема против Бугарите во Уставот, стравувањата се дека после откако ќе се отворат поглавјата, ние повторно можеме да се соочиме со некои непринцпиелни барања, кои задираат во нашите идентитетски определби, и на тој начин да имаме проблем. Тоа никој не го прифаќа, тоа и ние не го прифаќаме. Затоа јас ја дадов предлог-резолуцијата, за којашто, а за жал ниту една партија досега не одговори, рече тој.
Потсети дека таму било наведено дека треба да се обединиме околу нашите црвени линии и за што ние не преговараме, а оти немаат проблем да се случат уставните измени, бидејќи тогаш ќе се отворат поглавјата и оти тогаш ќе почне вистинското реформирање на законите, а најважно, како што кажа, ќе се отворат европските фондови, од кои бенефит ќе имаат граѓаните.
-Ако повторно се соочиме и тогаш со ситуација на блокада, повторно имаме механизми да разговараме, ние сме се договориле дека за тоа не дебатираме, за нашите идентетски одредници, коишто и сега, никако не се загрозени, рече тој.
Според него, не се само уставните измени во францускиот предлог услов, туку еден од чекорите што треба да се направи е отворање на досиејата на тајните служби, посочувајќи дека тоа го направиле сите поранешни социјалистички земји пред да се приклучат кон ЕУ.
