Филипче најави заострување на мерките, ќе се решава утре
Министерот за здравство, Венко Филипче во Дневникот на Сител изјави дека предлагаат заострување на рестриктивните мерки.
Вели дека училиштата засега нема да се затвораат бидејќи таму бројките на новозаразени не се големи.
„На утрешниот состанок ќе дискутираме за тоа дали се потребни дополнителни рестрикции од кои што се сега во сила. Тоа би вклучувало рестрикција во јавниот превоз, ограничување на работата на угостителските објекти и одредени економски субјекти, компании. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава“, рече Филипче.
Прашан за евентуално воведување на нов полициски час Филипче рече дека се уште е рано и тоа може да се дискутира утре.
„Еден од најдобрите параметри кои што ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетите забрзано се исполнуваат. Само во текот на вчерашниот ден имаше огромен број на приеми“, изјави Филипче.
Во последните 24 часа имаме 535 заразени, и 6 починати од коронавирусот во Македонија.
