Филипче најави следен проект - имунизациска електронска картичка
Министерот за здравство Венко Филипче најави проект - имунизациска електронска картичка во Тел Авив на министерски состанок организиран од Светската здравствена организација и Секретаријатот на здравствена мрежа на земјите од Југоисточна Европа.
Темите на министерскиот состанок организиран од израелското Министерство за здравство се обезбедување примарна здравствена заштита за стареење на населението, имунизација, одговор на кризи, инклузија, инвестирање и иновација во здравствениот систем.
Филипче на состанокот, како што е објавено на веб страницата на Министерството за здравство, истакнал дека имунизацијата е приоритет не само во Македонија, туку и на здравствените системи на целиот регион.
– Досега беа спроведени неколку реформи, а во следниот период се очекува и имплементација на имунизациска електронска картичка, осовременување на календарот за имунизација и обуки и едукации за педијатрите, родителите и пошироката популација за бенефитите од имунизација, потенцирал Филипче.
На министерскиот состанок било заклучено дека заедничка визија на земјите од ЈИЕ е да работат кон обезбедување на здравствена заштита за популацијата која старее, како и да работат кон зачувување и унапредување на здравјето на постарите граѓани, да ги спречат болестите и да промовираат здрав начин на живеење.
