Филипче: Мерката не примање на невакцинирани деца во градинка дава резултат
Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил напиша дека мерката за непримање на невакцинирани деца во градинките ги дава очекуваните резултати.
Тој заедно со премиерот Зоран Заев, министрите Мила Царовска, Рената Дескоска и Арбр Адеми се сретнале со група родители кои не сакаат да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината. На средбата било истакнато дека во услови на епидемија вакцинацијата е задолжителна.
„Во услови на епидемија, вакцинацијата е задолжителна за сите невакцинирани лица, без разлика дали станува збор за деца или за возрасни луѓе. Дава резултат во справувањето со епидемијата на морбили тоа што невакцинираните деца не посетуваат градинка. Во интерес на доброто на децата, преку презентација на факти и дискусија, ќе ги информираме сите граѓани во однос на вакцинацијата за мали сипаници“, пишува Филипче.
Според министерот од почетокот на епидемијата досега се вакцинирани вкупно 28.237 лица до 14 години.
„Здравјето на децата е пред се“, пишува првиот човек на здравство и потенцира дека само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата.
