Филипче: Ќе треба повеќе време за промени во СДСМ
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека избрзал кога најавил промени во опозициската партија уште во текот на оваа недела и дека за тоа ќе биде потребно подолго време по негативните резултати на локалните избори.
- Од бројните разговори ќе ги пронајдам најдобрите луѓе што ќе бидат дел од тимот во следниот период.Најавив дека тоа ќе се случи уште во текот на оваа недела,но сепак ќе треба нешто повеќе време.Не сакам да се избрза со тој процес.Секако, јавноста навремено ќе биде информирана кога ќе бидат промените, рече Филипче.
Тој на првата прес-конференција по локалните избори рече дека промените ќе ги соопшти следните денови по седници на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Не сакаше да соопшти детали, но рече дека партијата ќе добие „делумно освежено раководство".
Засега единствено потпретседателката на партијата Ана Чупеска поднесе оставка на функцијата.
