Филипче: Изјавата на Мицкоски дека децении ќе чекаме за европскиот пат е признание дека Владата не сака во ЕУ
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, вели дека изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека земјава децении ќе чека за европскиот пат е признание дека оваа Влада не сака во ЕУ.
„За жал, вистината е разочарувачка. Немојте ништо да очекувате од европскиот пат. Ама буквално ништо. И тоа не го кажувам јас, тоа го кажува премиерот Христијан Мицкоски. Човекот вели дека, ако треба, децении ќе чекаме за Европа. Што можеме да очекуваме после таква експлицитна изјава во јавноста дека оваа влада нема да направи ниту еден чекор кон Европа?“, рече Филипче одговарајќи на прашање во Собранието каде денеска продолжи дебатата „Гласот на граѓаните во Собранието: Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ“.
Во тој контекст, Филипче додаде дека Реформската агенда е уште еден индикатор дека оваа Влада не работи ништо. Според него, минатата година требало да се донесат десетина закони во сферата на правосудството, но, вели дека бил донесен само еден. И тоа, додава тој, бил донесен со парцијално имплементирани насоки од оценската мисија на Европската Унија.
Тој вели дека Собранието не може да направи ништо кога „Владата не продуцира и не праќа никакви закони“
