Филипче: Имајќи го предвид притисокот најдоцна во четврток повторно ќе се отвори салата Борис Трајковски
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека Вип Арената Борис Трајковски повторно ќе се претвори во пункт за вакцинација.
Тој вели дека овој пат нема да се користи големата сала како на почетокот на вакцинацијата.
„Имајќи го предвид притисокот во среда или најдоцна во четврток неделава повторно ќе се отвори салата Борис Трајковски зашто дел од вработените во Здравствен дом коишто беа на годишни одмори ги прекинаа и порано за да дојдат и да ја стават салата во функција. Сега ќе биде онаа помала сала, не големата. Меѓутоа, ќе има околу 20-тина места кадешто ќе може да се спроведе вакцинацијата и верувам дека тоа ќе ги растерети гужвите и редовите коишто ги имаме пред Здравствените домови“, рече Филипче.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 652.340 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.398 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.099 граѓани.Деновиве во земјава има над 1.000 заразени со коронавирусот на дневно ниво.
