Филипче: Правиме скрининзи во Дебар, ќе почнеме и во Струга, и во делови од Скопје
Вкупниот број на инфицирани со коронавирусот во земјава се искачи на 35, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, истакнуваќи дека во моментов се прават анализи уште на 30 лица. Доцна синоќа биле изработени анализите уште на четворица пациенти, кои покажале дека се позитивни на вирусот.
-Сите пациенти се со лесна клиничка слика. Стабилна е состојбата и на хоспитализираните на Инфективната Клиника, како и на пациентите во Дебар. Во стабилна состојба е и пациентката која во моментов на респираторен апарат.
Министерот истакна и дека, во авионот кој синоќа слета од Брисел имало индикација за тестирање на 12 лица, нагласуваќи дека тестовите се негативни кај сите.
-И овие патници се упатени во самоизолација, согласно мерките кои ги спроведуваме, рече Филипче.
Според него, најважно е навремено откривање на заразените, бидејќи, како што рече, еден здравствен систем може да колабира доколку се преполнат одделенијата за интензивна нега и го посочи примерот во Италија.
- Сметам дека раното откривање е клучно. Затоа правиме скрининзи во Дебар, ќе почнеме и во Струга, и во делови од Скопје, се со цел да не дојдеме во момент да се преоптовари здравствениот систем, рече Филипче.
Министерот напомена дека за сега има доволно тестови, во моментов 1.500.
А.Б.