Филхармонија или какафонија
Један Д-мол ме развали, неки би то тугом назвали,није
то, него туга за Д-мол...простете што не ја преведувам, ќе изгуби од убоста на
оригиналот, но деновиве интензивно се
потсетувам на стиховите на легендарната
Д-мол од Балашевич. Секој почитувач на добрата музика, рок, класика, поп, ќе ја
препознае мојата симболика на испишаните стихови, но воедно од тука ќе пламне и
мојот бес и лутина, бидејќи негодувам, да навистина страшно негодувам, кога на
културата и уметноста им се става партиски предзнак. Сиве овие години не
научивме дека нешто што е убаво и вредно само по себе, нешто што има посебна
есенција и естетика, нешто што е непроценливо и неспоредливо, не смее да се
извалка со политички призвук.
Великанот, бардот на македонското класично композиторство, Трајко Прокопиев е признат и познат по својот врвен опус, а деновиве уште повеќе актуелен по изведбата на неговиот балет Лабин и Дојрана во новата зграда на македонската филхармонија. Во истата таа зграда и светски познатиот, а наш, пијанист маестро Симон Трпчевски ја свиреше фасцинантната Петта симфонија на уште пофасцинантниот Петар Илич Чајковски. А македонската филхармонија, тоа здание како од бајките, светско, а наше, нешто што доликува на една метропола како што е нашето Скопје. И до тука се е прекрасно и волшебно...но има многу но и многу зошто....
Прво за мене новата филхармонија е еден од ретките објекти од квази-кичерскиот проект Скопје 2014 која е добро осмислена, модерна и која е неопходна, па дури би рекла и насушна потреба на една урбана метропола, но истата таа чини баснословно, а и многу други контраверзии се поврзуваат со неа. Второ, прекрасно е да се инвестира во културата и уметноста, но тоа да се прави на современ, пристоен, софистициран, па и суптилен начин. Да се отвора нова филхармонија, коај е градена од пари на секој граѓанин кој чесно си ги подмирува граѓанските должности, и истата да се искористи за партиски цели, односно да се поткрене егото на вождот во заминување е далеко од добро, правилно, посакувано, па и културно. Простете, но филхармонијата не е само за ВИП личности, за министри кои сакаат да се перчат со скапи тоалети и да изигруваат недостижни, за партиски послушници и партиски функционери кои уште троа сакаат да го уживаат бенефитот кој им го носи власта и да изигруваат богови, не почитувани, филхармонијата првенствено треба да биде отворена за секој добронамерник, за секој љубител на тој вид на музика, кој сладострасно ќе ужива во звуците на Моцарт, Рахмањинов, Бетовен. Филхармонијата треба да ги привлече младите, генерациите кои се отруени со турбо фолк и културно и уметнички да ги оплоти и надгради, секако приближувајќи им ја сериозната музика до нив. Секој уживател на класицизмот треба со посебна радост и позитивен тремор да седне во фотелјите на филхармонијата и кога ќе слуша виолина да почуствува дека го слуша Јехуди Мењухин или Стефан Миленкович, а ништо помалку и нашиот виртуоз Трпчевски. Тоа треба да биде функцијата на едно такво грандизоно здание каква што е новата македонска филхармонија.
А што доживеавме ние на денот на нејзиното отворање, на отворањето на долго очекуваната филхармонија, многу прашања, а малку одговори, желба за раскош, визионерство и грандиозност, но многу далеку од тоа, и наспрем таквите аспирации, видовме партиски собир, партиски говори, збунети лица, аплауз поголем на вождот отколку на уметникот. Испервертирани морални норми и вредности, истите тие норми и вредности кои љубат да ги споменуваат култните ни политичари, кои седеа вечерта на скапите и претплатени филхармониски столчиња, а од друга страна самите ги прекршуваат-каква иронија и хипокризија. Колку и да барате оправданија за таквото нивно однесување не можете да најдете, бидејќи и секој малку разбран човек ќе сфати дека се си има свој почеток и крај, уметноста и културата се далеку од политиката и никако не смеат истите да се употребуваат во партиски цели. Дозволете ни на нас, вистинските вљубеници во класицизмот да си ги уживаме Вивалди, Равел и другите уметнички големци и дејци, бидејќи тие се мигови кога забораваме на суровата реалност и мозочните ќелии ни се надградуваат и оплотуваат со нешто убаво и за човековиот род достојно.
Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје
