Филдишевска: Авантурите во Македонија се бесценети, туристите сакаат егзотика
Туристите се повеќе сакаат неовообичаени форми на авантура и забава, има се поголем број на туристи кои бараат неоткриени дестинации, скришни предели пребогати со историја, култура и традиција. Македонија како земја ги има сите неопходни состојки за привлекување на странски туристи, но и подобрување на понудата и за домашните гости кои имаат желба да го запознаат секое катче од нашата земја пребогата со природни убавини. Токму туризмот може да биде една од најуспешните економски гранки, но како и во секој бизнис постојат многу предизвици, недоволно утврдени правила и стандарди и финансиски и институционални пречки. Затоа одлучивме да разговараме со Емилија Филдишевска, основач на туристичката компанија Македонија Травел која веќе петнаесетина години го развива авантуристичкиот туризам во Македонија, како и за начинот на кој таа се справува со сите предизвици како модерен претприемач во македонската бизнис клима.

Фактор: Mакедонија изобилува со природни богатства и убавини, живописен пејсаж и прекрасни предели. Како дојдовте до идејата да формирате туристичка агенција токму за истражување и посета на овие помалку познати локации за јавноста кои не се во главниот фокус на традиционалните понуди?
Филдишевска: Авантурите во природа воопшто не беа бизнис идеја во почетокот. Тие беа само мои - еден вид на личен “полнач на батерии“ кога темпото на градот ќе ми ги испразнеше. Јас сум пред се авионец по струка, тоа го учев уште во деведесетите години во Англија, кога тука се уште се развиваше идејата за специјализирани агенции за продажба на летови, организација на деловни патувања и настани. Со таа бизнис идеја и почна Македонија Травел, и тоа доста успешно.
А природата и тие скриени убавини ми беа место за игра, за адреналин, место каде што се чувствувам како дома – сигурно и комотно. Таа потрага по возбуди во природа ме однесе до шумите на Караџица, до недопрената природа на Мариово, до фантастичните литици на Солунска Глава. И, се случи еден ден да им ги опишам тие убавини на пријателите од Англија – тогаш спонтано се формираше и првата планинарска група на Македонија Травел ... Понатаму бизнис логиката си го направи своето.
Фактор: Дали авантуристичкиот дух стекнат низ самите тури и насочувањето на туристите беше главен мотив за започнување со сопствен бизнис. Колкав „авантурист“ треба да е човек во Македонија да се реши да вложи средства, труд, време и да создаде тим со кој ќе ги пребродува сите предизвици на еден бизнис?
Филдишевска: Ако уживате во тоа што го работите, средствата, трудот и времето се релативни, и не ги перцепирате како средства, време и труд. Воопшто не ми пречи да ги дочекам групите во Галичник и да им приредам некое изненадување што ќе им го направи денот, ако можам да одвојам дополнителни час-два да јавам на коњ по околните брда. Или, да седнам со дедо Косте во Зовиќ на чашка ракија, додека тој го вади кавалот и ги распаметува гостите со музиката, а баба Савка го спрема ручекот под сач... Тука профитот е спореден. Тој само ми овозможува да продожам да се бавам со тоа што го сакам.
Има и уште една прекрасна работа во авантуристичкиот туризам, а тоа е т.н. одговорен туризам. Одговорен туризам е многу популарен тренд во Европа и во Америка, а се однесува на заштита на природата што гостите ја посетуваат, и зачувување на изворните традиции како главни туристички вредности на секоја дестинација. Ова на пример, значи дека наместо да одат во популарен ресторан да ручаат, тие би платиле и повеќе за да седнат на маса заедно со домаќините и да ги вкусат нивните домашни рецепти, да го почувствуваат нивниот начин на живот, навикитема, вредностите... Особено ако знаат дека со тој ручек директно му помагаат на локалното население да заработи и да си го подобри стандардот и условите на живот. Одличен тренд, кој воедно не поттикнува и нас, туристичките работници да го развиваме руралниот туризам.

Фактор: Со што се Македонија може да се пофали кога е во прашање авантуристичкиот вид на туризам, дали се препознаваат потенцијалите на оваа гранка со оглед на тоа што вашата компанија Македонија Травел веќе петнаесетина години постои на пазарот?
Филдишевска: Македонија одлично се вклопува во новите трендови во туризмот. Денешниот турист се помалку сака да се сонча на некоја позната плажа, каде треба да се размине со уште илјадници други туристи. Напротив, сака да истражува нови дестинации, да ѕирне во животот на некои други народи, во нивната историја и традиции... Денешниот турист сака да ја почувствува природата онаква каква што е – без упатство за употреба. И без уште десетина други групи кои се движат по истата, убаво уредена патека.
Кога правевме презентација за Македонија, вметнавме слика од Крчин – преубава планина во западна Македонија, со кадифени ливади и моќни врвови до каде што ви допира погледот. Пуста, дива, на неа само овчарот со стадото и кучињата. Насловот на оваа слика беше: “Дојдете во Македонија и ќе ги добиете планините само за себе.“ Наместо хотели со 5 звезди, ставивме слика од кујната во планинарскиот дом Големо Езеро на Пелистер – жива егзотика! Но и од езерата, од Пелистерските очи, на 2200метри надморска височина, и од погледот на Преспанско Езеро со камените куќи од Брајчино и Љубојно раштркани по шумата. И сликата од слаткото од смокви кај Марето во Чифлик, и од група американки како учат да виткаат сармички од лозов лист. Тоа е имиџот на Македонија. Петнаесет години патувам по саеми за туризам по светов, ја раскажувам приказната, објаснувам зошто баш Македонија, а не Куба и Малдиви...

Филдишевска: Секоја професија е на свој начин специфична. Во нашата, предизвикот е промоцијата и продажбата на пазари кои се доста различни од македонскиот, но и секој за себе е специфичен. Еден е пристапот кога продаваме во Кина, тотално друг е во Америка, трет во Англија, или Швајцарија... Неопходно е да ги познавате како функционираат за да можете да ја дадете вистинската понуда, и соодветно да ја промовирате. Понатаму, токму оние пазари кои се атрактивни за нас – западна Европа и Америка, се движат со побрзо темпо од Македонија. Се менуваат трендовите, постојано се измислуваат нови атракции, нови активности, нови начини на продажба, нови стандарди на квалитет и безбедност. Сето тоа треба да се следи.

Имав среќа да учествувам во Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, за поддршка на дојдовниот туризам во Македонија. Тие имаа слух за проблемите со кои се соочуваат туристичките агенции во Македонија, и соодветно ја испланираа и нивната стратегија: не поддржуваат во планирање и изведување на промотивните активности, направија цела програма за едукација на водичите, кои се битен фактор во реализацијата на турите. Понатаму, организираа обуки за безбедност во авантуристичките тури, заедно ги планиравме деталите за поддршка на водичите, но и за промоција на Македонија како безбедна дестинација. На некој начин, делуваат како продолжена рака на агенциите за решавање на актуелните проблеми во туризмот. Огромна благодарност и до нив, и искрено се надевам дека ќе останат подолго во Македонија бидејќи имаме уште многу работа.
Фактор: За да се биде туристички работник треба многу да се познава сопствената земја, па изненадува на моменти кога странци знаат детали за нашите необични туристички локации. Што очекуваат тие кога доаѓаат во Македонија, што најмногу ги привлекува?
Филдишевска: Македонија ја посетуваат два типа на туристи: оние кои ги привлекуваат ниските цени на одморите во Охрид – со аранжманите што се субвенционирани од владата на Македонија, и втората категорија се авантуристи во потрага по нови дестинации и нови доживувања. Првите се информираат само за цените на пивото во Охрид, и трошат тука не повеќе од 100 евра во текот на одморот од 7 дена. Вторите читаат се што можат да најдат за Македонија уште пред да дојдат, и подготвени се да потрошат многу повеќе за да искусат се. Ова се тие туристи што понатаму ќе ја рашират приказната за Македонија - онака како што ќе им ја сервираме ние. Под ние подразбирам и туристички водичи, и угостители, и хотелиери, и туристички работници кои ја креираат турата. Затоа е потребно одлично познавање на Македонија, но и на пазарот каде ќе ја промовираме, и секако, врвна професионалност на сите што се бават со туристички услуги. Гостопримливоста ни е вродена, тука не треба да се грижиме.

Фактор: Дали е возможно да се создаде една позитивна туристичка приказна која ќе опфати повеќе сегменти од македонската историја, култура и традиција, потребни ли се иновации и креативност на ова поле и како до нив?
Филдишевска: Македонија има одлична туристичка приказна. Со таа историја, култура и природни убавини што ги имаме, ние немаме потреба да измислуваме дополнителна приказна. Треба само да умееме да ја раскажеме како што треба. И да ја зачуваме. Но, понекогаш ми се чини дека не сме доволно свесни за тоа, и систематски ја уништуваме. Ја пакуваме во евтин целофан со исплата на субвенции за нискобуџетни туристи; врвни историски локалитети се трансформираат во панаѓури со лесковачка скара и шарени тезги; имаме прекрасна природа која многу успешно ја нагрдуваме со шут и со секакво ѓубре.
На крајот на секоја тура на гостите им даваме да пополнат формулари за задоволство од турата. На половина од нив стои: имате сериозен проблем со ѓубрето. Или, уште полошо, “ѓубрето е составен дел од егзотиката наречена Македонија!“ Пред десетина дена во Англија договорив тури за студенти – волонтери, кои ќе доаѓаат во Македонија да ги чистат планинарските патеки. За нив се едукативни, а нам ќе ни помогнат да си ја зачуваме природата. Од самите себе!
Фактор: Имате ли вие лично време за авантури, како „оперирате“ во професионалниот и приватниот дел, на кој начин може една модерна деловна жена да балансира со сите обврски и предизвици?
Филдишевска: Авантурата во природа е дел од мојата работа. Секако, доста време поминувам и во канцеларија, во патувања и промоции, но најмногу уживам кога ги подготвувам турите и кога сум со групите. Во колата имам подготвена опрема за кампирање, и секогаш кога е тоа можно кампувам наместо да престојувам во хотел. Можеби тој стил и не е тоа толку “модерен“ или “деловен“, но, балансот е тука.
Сите нови активности ги проверувам лично и уживам максимално во тоа: планинарам, возам по непристапни терени, летам тандем со параглајдеристите на кои треба да им ги доверам гостите, ако треба да се јаваат коњи прво јас ги јавам по истите рути... Замислете да ви влегува во опис на работно место јавање коњ во езеро населено со фламенга, пеликани, и уште десетици други видови на птици. И тоа е еден од моите работни денови.
Сопругот е исто така зависник од адреналин во природа, така што имам потполно разбирање и поддршка од него. Всушност, во дивина тој се снаоѓа многу подобро од мене и активностите ни се синхронизирани како еден. Понекогаш се случува да излеземе на вечера во Скопје, а да завршиме некаде на планина на 1500 метри во шатор или во хамок. И следното утро да појадуваме шумски јагоди...
Фактор: Што вие ќе им порачате на нашите читатели, како да го подобрат својот авантуристички дух, како во поглед на патувањата и откривањето на нови места, така и за поголема храброст кога е во прашање претприемништвото?
Филдишевска: Да излезат од рамките и за едното и за другото. Кога еднаш ќе ја почувствувате возбудата на новото искуство, и на падот, и на успехот, ќе се прашате зошто не сте се обиделе порано?
Автор: Христијан Станоевиќ
