Фетаи ќе го тужи адвокатот на Ејуп Алими за клевета
Oбвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното јавно обвинителство за клевета ќе го тужи адвокатот Мефаиљ Арслани.
Фетаи му одговори на адвокатот Арслани, кој ги демантираше нејзините тврдења дека пренел закани од пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, упатени до обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО.
Фетаи го проширува тврдењето и вели дека за случајот кога адвокатот и ги пренел заканите има уште еден сведок, кој ја дал истата изјава. Адвокатот побара извинување од Фетаи, но таа возврати со закана за тужба за клевета и навреда.
„Во врска со „демантот“ на адвокатот Мефаиљ Арслани, во кој, со прилично дискутабилен речник изнесува навреди спрема мене, наведувам дека јас во целост стојам на она што во текот на вчерашниот ден го кажав дека се случило. По барање на обвинителот Гаврил Бубевски дадов и изјава за настанот, како истиот би ја поткрепил пријавата која сака да ја поднесе. Таква иста изјава ќе дадам и пред јавниот обвинител кој ќе постапува по пријавата, доколку бидам повикана на сослушување. Впрочем, за целиот настан има уште еден сведок кој ја дава истата изјава. Настанот, кој се одвиваше на паркингот кај Т.Ц. Мавровка (во близина на местото каде што живеам) е случен во првата половина на ноември минатата година и доколку сум сакала медиумска покриеност, како што тврди адвокатот Арслани, ќе ги известев медиумите веднаш“, наведува таа во реакцијата.
Таа додава дека по докажување на кривичното дело за кое ќе биде поднесена кривична пријава и ќе има кривична одговорност, и расчистување на случајот, против Мефаиљ Арслани ќе иницира постапка за навредите и клеветите.
Адвокатот реагираше дека на Фетаи и фали медумско внимание.Тврдеше дека не се заканувал.
Обвинителот Бубевски сепак ќе го пријави случајот со заканите упатени кон него од адвокатот Мефаил Арслани, со поднесување на кривична пријава „загрозување на сигурноста“.
