Фетаи: Државата затаила во „Монструм“, притворот на обвинетите е со лимитиран рок
Државата затаила со нејзината реакција и со контролата во случајот „Монструм“, вели обвинителката Фатиме Фетаи за „Фокус“ откако СЈО го превзеде случајот со петкратното убиство кај Смилковско езеро.
- Толку биле капацитетите, што, пак, доведува до заклучок дека од страна на најодговорните е затаено во смисла на подобрување на овие капацитети, и во смисла на превенција, и во смисла на откривање на сторителите, а особено во прибирањето на доказите. Основно, затаила првата и најбитна реакција на државата во ваков случај, можеби по примерот на српската „сабја“ при убиството на нивниот премиер. Не сакам да верувам дека нешто намерно се направило во овој контекст, а и сѐ уште немам таков извор, ги коментира Фетаи капацитетите на тогашното МВР и јавно обвинителство.
Фетаи вели дека обвинетите мора да се на слобода во моментов се до донесувањето на судската пресуда, бидејќи рокот за мерката притвор е истечен.
- Притворот по подигнување на обвинение е лимитиран во време, а во претходната постапка што сега се води одново е истрошен временскиот рок, речиси целосно. Друго не би можела во овој момент да кажам, освен дека сум убедена во процесна правда за децата и за рибарот, одговара Фетаи на прашањето дали би можеле обвинетите да побегнат.
