Фестивал беше одбиен од Министерството за култура, а сега доби три милиони денари
Некои организации на фестивали и други настани чии апликации за финансирање на проекти беа првично одбиени во годишната програма на Министерството за култура, по жестоките реакции преку медиумите и социјалните мрежи добија одобрени средства по ревидирањето од страна на комисиите.
Така, Скопскиот џез фестивал сега доби 3 милиони денари од побарани 7,775 милиони, Офф-фест ќе мора да се задоволи со еден милион од побарани шест, на Културниот центар „Интерарт“ му се одобрени 1,5 милиони од шест побарани. Од другите претходно одбиени, „Интерфест“ од Битола доби 1,3 милиони од побарани 3,1 милион, а исто и дојранскиот „Д фестивал“ помина со 1 милион, наместо посакуваните шест. Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе добие 150 илјади денари за фестивалот „Здраво млади“, додека „Радиото Стотројка“ 60 илјади денари за настанот 103 генерации.
Повторното разгледување на пријавите беше извршено согласно принципите на професионалност, разновидност и креативност, следејќи го гласот на културните работници и професионалци, се вели во соопштението на Министерството за култура.
