ФЕРШПЕД СО ПАД НА ПРИХОДИТЕ, НО СЕПАК ОСТВАРИ ПРОФИТ: над 2 милиони евра добивка и стабилна финансиска позиција
Групацијата Фершпед АД Скопје ја заврши 2025 година со позитивен финансиски резултат, и покрај падот на приходите, покажуваат консолидираните извештаи на компанијата објавени на Македонска берза.
Вкупните приходи за периодот јануари–декември изнесуваат 4.455.101 илјади денари или околу 72,4 милиони евра, што претставува намалување од 10 отсто во однос на претходната година.
Притоа, како што пишува во извештајот, оперативните приходи доминираат и достигнуваат до 4.431.637 илјади денари, одноно околу 72 милиони евра или 99,5 отсто од вкупните приходи.
- Оперативните приходи во износ 4.431.637 илјади денари учествуваат со 99,5 % во вкупните приходи и истите бележат пад од 11% во споредба со оперативните приходи во 2024 година.
Финансиските приходи учествуваат со 0,5 % во вкупните приходи и истите бележат зголемување од 62% - се посочува во извештајот.
Компанијата остварила оперативна добивка од 124.314 илјади денари што е околу 2,02 милиони евра, додека вкупната консолидирана добивка достигна 126.806 илјади денари, односно околу 2,06 милиони евра, потврдувајќи ја стабилноста на работењето во услови на намалени приходи.
На страната на расходите, вкупните трошоци изнесуваат 4.313.995 илјади денари или околу 70,2 милиони евра, што е намалување од 10 проценти на годишно ниво. Најголем дел од нив, дури 76 отсто, отпаѓаат на расходите за услуги со карактер на материјални трошоци во износ од 3.281.750 илјади денари или околу 53,3 милиони евра, додека финансиските расходи бележат раст.
Вкупната актива на групацијата на крајот од годината достигнува околу 48,9 милиони евра, што е зголемување од 6% во однос на 2024 година. Растот се должи пред сè на примена на нови сметководствени стандарди, особено МСФИ 16, како и на евидентирањето на вложувањата во придружени друштва по методот на главнина. Структурата на средствата покажува доминација на нетековните средства со 75%, додека тековните учествуваат со 25%.
- Вредноста на активата (средствата) и на пасивата (изворите) на Фершпед АД Скопје на 31.12.2025 година изнесуваат 3.006.555 илјади денари и во однос на 2024 година се зголемени за 6%. Ова зголемување се должи на измени во сметководствените политики и методи на вреднување, односно примена на Меѓународниот стандард за финансиско известување - МСФИ 16 и евидентирање на вложувањата на придружното друштво по метод на главнина - се посочува во извештајот.
Од аспект на финансирањето, групацијата има стабилна капитална структура – 89 проценти од изворите се сопствен капитал и резерви, додека обврските учествуваат со 11 отсто, што укажува на ниска задолженост и солидна финансиска сигурност.
И покрај предизвиците и намалената економска активност, Фершпед успеа да ја задржи профитабилноста и да ја стабилизира финансиската позиција, со јасен сигнал дека компанијата успешно се прилагодува на променливите пазарни услови.
П.О.