ФАЗ за Пандев: Човекот кого македонскиот премиер го чека на граница на полноќ во негов дрес
Франкфуртер алгемајне цајтунг даде најдобар опис за влијанието на најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев непосредно пред победата на Македонија од 2-1 како гостин против Германија, која прв пат по 20 години загуби еден квалификависки натпревар за Светско првенство.
ГАЗ го опиша 37-годишниот офанзивец на Џенова како „човек кого неговиот премиер го чека на граница на полноќ во магливо време и во негов дрес“ Весникот алудира на 12 ноември 2020 година кога Пандев со гол во Грузија ја осигура победата во плеј-оф натпреварот и историскиот пласман на Европското првенство.
„Во главниот град Скопје и во земјата се направи таква еуфорија што дури и премиерот на земјата, Зоран Заев, тргна на полноќ да го пречека националниот тим што се враќаше. Бидејќи повратниот лет од Тбилиси не можеше да слета на скопскиот аеродром поради густа магла, авионот беше препратен кон соседна Приштина во Косово.
Заев, кој, како Пандев, потекнува од Струмица на југоистокот од земјата, близу граничниот триаголник Северна Македонија, Грција и Бугарија и кој исто така беше градоначалник таму, го чекаше тимскиот автобус на граничниот премин Блаце. Тој го носеше фудбалскиот дрес на стрелецот“, пишува ФАЗ.
Еден од највлијателните и најтиражни гласила во Германија понатаму се осврнува на текот на кариерата на Пандев и додава дека искусниот фудбалер сака да се прости од репрезентацијата токму против возвратниот меч против Германија во Скопје, но со желба стадионот да биде исполнет до крај.
„Гоче“, како што го нарекуваат во неговиот роден град, всушност планира да се повлече од професионалниот фудбал оваа есен. Тој би сакал да го одигра својот проштален натпревар во октомври, на националниот стадион во Скопје, за време на реваншот против репрезентацијата на Германија.
„Ограничувањата на короната треба да бидат укинати дотогаш. Во секој случај, веќе се радувам на првиот натпревар во Дуизбург, особено затоа што никогаш порано не сме играле против Германија “, изјави стрелецот на еден од двата гола во Германија.
