Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Фаворизирајќи религиски и етнички избраници ја поттикнувате нетрпеливоста“: Левица бара политичка одговорност

„Фаворизирајќи религиски и етнички избраници ја поттикнувате нетрпеливоста“: Левица бара политичка одговорност

Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши беше повод за реакции од паритјата која и го поднесе барањето за интерпелација. Револтирани од тврдењата на Гаши дека интерпелацијата е само исламофобија, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил - Хактан, на собраниската седница ја истакна тезата дека исламофобија е поддршката за НАТО и геноцидот во муслиманските држави.

- Ако ги погледнете сите индекси на исламофобија, ќе забележите дека токму европските земји, особено земјите на НАТО се едни од најголемите исламофобични општества. А вие, драги колеги, со бранењето на овие знамиња на НАТО и ЕУ ги поддржувате исламофобичните општества и со тоа треба да се соочите еден ден! Значи, вие сте исламофоби, само што религијата ја искористувате за свои лични лукративни интереси - образложи Исмаил.

Исмаил од собраниската говорница се осврна и кон злоупотребата на религијата од страна на собранискиот спикер, Гаши.

- Претседателот Гаши во својата одбрана си даде за право да донесе верски суд дека ние кои се залагаме за оваа интерпелација не сме муслимани. Исламот не суди заради правење или неправење на верски обреди. Суди за искористување на државниот буџет за лични интереси. Да бевме во некоја шеријатска држава, шеријатскиот суд ќе му пресудеше на Африм Гаши, а не ова собрание кое што е храм на секуларизмот. Секуларизмот обезбедува инклузивност и толеранција - рече Исмаил.

Тој говореше и за нарушувањето на секуларноста на државата од страна на собранискиот спикер.

- Гледаме дека владејачкото мнозинство е спремно по секоја цена да ги брани своите функционери, па дури и ако тие извршиле бескруполозни прекршувања и на Уставот, и на законите, и на принципите на секуларизмот. Актуелниот претседател на Собранието, Гаши, да имаше политичка култура, самиот ќе си поднесеше оставка - потенцираше Исмаил.

Пратеникот и потпретседател на Левица, Исмаил, барајќи политичка одговорност, истакна дека владејачкото мнозинство нема политичка култура и очигледно е дека нема да ја поддржи оваа интерпелација. 

- Наместо да покажат политичка култура и Гаши да поднесе одговорност, тие ни пуштаат голобради момчиња да ни покажат дека сторителите за скандалот на аеродромот биле казнети во МВР. Ние со интерпелацијата не бараме Гаши да биде кривично казнет. Ние бараме политичка одговорност. Тоа е поентата - додаде Исмаил.

Во својот собраниски говор, тој дообјасни дека Гаши и власта со непочитување на принципот - секуларизам, прават една религија да стане доминантна, така што потоа другите религии почнуваат да се чувствуваат неинклузивни, нетолерантни и се создаваат меѓуверски проблеми. 

- Конечно, принципот на секуларизам обезбедува избирање на добар управник! Традицијата на исламските општества предвидува да се избере управник без разлика на неговите религиска или друга припадност, туку да ја врши функцијата за кој е избран. Вие фаворизирајќи религиски и етнички избраници, само ја поттикнувате нетрпеливоста - поентираше Исмаил од Левица.

Фото: Принтскрин/Јутутб

Слично

Поврзани вести