Фатмир Битиќи: Имам штета од 50 илјади евра од грабежот
Поранешниот вицепремиер за економски прашања и функционер на СДСМ, Фатмир Битиќи, во синоќешното гостување на ТВ24 рече дека штетата што ја претрпел од грабежот на сефот во неговиот дом во Бутел, според негови проценки, е околу 50 илјади евра. Пратеникот додаде дека не се точни сумите на пари кои беа објавени во јавноста, а наводно биле одземени од неговиот сеф.
-Вистината е на барањето на службените лица за да се направи целокупната материјална штета (од кршење на врата, земање на сефот и тоа што имало внатре), дефиниравме некоја сума од отприлика 50 илјади евра на целата штета. Од финансиски средства, во сефот немало ниту 10% од таа сума која што се спомнува. Другото е емотивно – накит на сопругата кој што го има донесено од баба ѝ, мајка ѝ…Во моментов е непроценливо. Јас со цела одговорност тврдам што имало внатре, додаде екс-вицепремиерот.
Кражбата се случила во периодот од 18 до 21 април, во период додека функционерот и семејството не биле дома за празниците. Непознати сторители насилно влегле во објектот, со употреба на алат и сила ја скршиле вратата. Биле украдени сеф и други вредни предмети. Снимките се предадени во полицијата и надлежните органи.
-Се гледа се. Кај мене имаше сериозна заштита од тоа, но очигледно дека тие што имале намера да го направат ова, имале одреден мотив. Се надевам дека нема да се испостави дека мотивот е мојата јавна функција или претходната функција што сум ја вршел. Ќе почекам институциите да кажат и дека ќе ги најдат разбојниците. Би сакал тие што се најповикани повеќе да се занимаваат со фактите, а мотивите ќе ги оставиме за друг момент, рече Битиќи во емисијата „24 анализа“.
