Фатени ограбувачите на Телеком поради кои имаше прекин на интернет, ТВ и телекомуникации
МВР објави дека се приведени четворица крадци, кои извршиле 33 тешки кражби и ја оштетиле инсталацијата на Телеком и Железници. Станува збор за ограбувачи на бакарни кабли, поради кои имаше прекин на интернет, ТВ-сигнал и телекомуникации.
Полицајци од Аердром и Драчево во неделата ги лишиле од слобода С.Д.(29), Ф.А.(36), Е.З.(49) и С.Д.(26), поради постоење основано сомнение дека се сторители на кривично дело „тешка кражба“, со што се расчистени 16 кривични дела, а се работи на документирање на уште 17 кривични дела, за кои исто така полицијата информира дека ќе има соодветни поднесоци, односно вкупно 33 кривични дела.
Кај нив биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичните дела, меѓу кои електро мотори, кабли и метални делови, кои се во сопственост на Железници на РСМ и Македонски телеком.
„Со лицата е извршен службен разговор, при што тие го појасниле начинот на извршување на делата, посочувајќи ги деталите и точните локации (ул.„Бојмија“, ул.„Владимир Комаров“, бул. „Јане Сандански“ и „Трета македонска бригада“), на кои во период од 12.05. до 01.07.2021 ги направиле делата, оштетувајќи ја инсталацијата на Македонски телеком, преку оштетување на шахтите и сечење и крадење на бакарни кабли, притоа предизвикувајќи прекин на интернет, ТВ и телекомуникации“, соопшти полицијата
Слично
