Економија, финансии, бизнис

Контакт

Фантом организира Светско фудбалско првенство на непризнаени држави во Македонија, Мароко реагира до МНР

Фантом организира Светско фудбалско првенство на непризнаени држави во Македонија, Мароко реагира до МНР

Кралството Мароко во изминатиот период реагирало до Министерството за надворешни работи на веста дека во Македонија годинава ќе се организира светско фудбалско првенство на непризнаени држави и малцински заедници, дознава „Фактор“. 

Протестната нота на Мароко преку своето дипломатско претставништво  се должела најмногу поради тоа што на овој турнир се најавува учество на фудбалската селекција на Западна Сахара, кои за африканското кралство е сепаратистичи ентитет од бунтовници со алжирски пасоши.

Настанот се најавува на големо и на социјалните мрежи, а екипите доаѓаат од земји кои не се признаени од Обединетите Нации, а со тоа ниту од Светската фудбалска федерација (ФИФА). 

КОНИФА (Конфедерација на независни фудбалски асоцијации) е основана во 2013, а единственото светско првенство за фудбалски тимови на непризнаени држави, спортски изолирани региони и национални малцинства го организирала во 2013 во Остерсунд, Шведска.

Во најавата се вели дека помеѓу 30 мај и 7 јуни 2020 на турнир во Скопје ќе настапат 16 селекции меѓу кои такви од Западна Сахара, Дарфур, Пенџаб, Тамилски Елам, Јужна Осетија, Западна Ерменија, Карпаталија, Каскадиа, Мапуче, Оилски Острови и други. 

Првично турнирот требаше да се одржи во Сомалиленд, за потоа КОНИФА да објави дека домаќин ќе биде Северна Македонија, а арената „Тоше Проески“ ќе биде стадионот на кој ќе се игра првенството. Западна Сахара во овој случај не е квалификувана, туку ќе учествува на покана. Од КОНИФА велат дека услов за настап е да биде платено членството, а доколку некој го откаже настапот има многу други неквалификувани тимови меѓу кои еден од нив ќе го завземе испразнетото место.

Засега не е познат домашниот организатор на оваа „приватна забава“ и за засегнатите институции се се одвива фантомски, а истовремено настанот може да предизвика штетни дипломатски последици за Македонија. Поради тоа, не е познат мотивот за организацијата, односно дали станува збор за личен материјален интерес или постои политичка позадина позади т.н. фудбалско првенство.

- Ние како официјална федерација не смееме да го признаеме тоа. Ние сме организација под капата на ФИФА и УЕФА. И други до сега се распрашувале кај нас, но ние не знаеме кај кого да ги упатиме, затоа што не знаеме кој е организатор на сето тоа и немаме никаков контакт, вели Златко Андоновски, портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија, која се оградува од ова неофицијално првенство.

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, под чие владеење е арената „Тоше Проески“, тврдат дека стадионот не е закупен во име на овој турнир, а од Агенцијата за млади и спорт дополнително додаваат дека не ни помислуваат да поддржат таков шемпионат.

„Стручните служби надлежни за стопанисување и издавање на Националната Арена „Тоше Проески’’ од страна на КОНИФА  немаат добиено  барање за закупување на објектот. Дозволата за одржување на ова првенство, но и кое било друго од меѓународен карактер не е во надлежност на АДСДП“, гласи одговорот од стопанственикот на стадионот.

Република Македонија и Кралството Мароко воспоставија дипломатски односи во 2012. Мароко ја смета Република Македонија за блиска земја, со која одлично соработува билатерално и во меѓународните организации. Соработката доби на интензитет по реализирањето на првата официјална посета на поранешниот премиер Никола Груевски на Кралството Мароко во 2010, на која оствари средба со својот домаќин, премиерот Абас Ел Фаси. Од 20 до 22 јуни 2012, г. во Скопје, се одржаа третите по ред политички консултации меѓу МНР на двете земји на ниво на државни секретари. Двете земји имаат склучено неколку договори за развивање на билатералната економска соработка.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести