ФАНОВИ НА ТОШЕ ОД СЕКАДЕ ДОАЃААТ ВО КРУШЕВО: Тој беше второ име за љубов
Луѓе од различни земји години наназад доаѓаат во Крушево за да оддадат почит на пејачот Тоше Проески.
Далечината не е проблем, за да дојдат во неговото родно место и да му се поклонат. Весна Вановац Рожиќ од Сараево раскажува дека седнала во авион за првпат, го победила стравот од летање и допатувала во Македонија.
„Воодушевена сум од Македонија, од Крушево. Тоше има посебно место во моето срце и мојот живот. Заради него отидов во Крушево, за првпат седнав во авион и ја посетив вашата прекрасна земја. Ме носеше големата љубов и почитување кон ликот и делото на ангелот. Во Крушево почувствував мир, спокој. Се чувствував прекрасно. Имав чувство дека можам да го допрам небото. Крушево е магично. На грбот на Тоше однесов мече кое го испрати син ми кој тогаш имаше 15 години, и писмо во кое пишува дека Тоше е негов идол и дека никогаш нема да го заборави. Плачеше кога ја слушна таа страшна вест. Кога детето ќе пронајде идол како што е Тоше, тогаш сте сигурни дека ќе имате добро дете. Му испрати на Тоше и фигура на ангел“, вели таа.

Како професор по музика вели дека за талентот на Тоше воопшто не треба да се дискутира. Додава дека бил и остана најдобар.
„Мислам дека Тоше со своето дело покажа на нас, измачените екс ју народи дека љубов и само љубов е патот по кој треба да чекориме во иднина. Тој беше мост кој после години на војни и омраза, конечно ги спои Македонците, Србите, Хрватите, Босанците, Херцеговците, Црногорците и Словенците. Тоше беше второ име за љубов, и додека ви го пишувам ова јас плачам“, додава Вановац Рожиќ.
Гордана Квајо од хрватскиот град Риека вели дека Тоше неколку пати настапил во нејзиниот град, и ден денес е популарен, а луѓето жалат што прерано нѐ напушти.

„Јас два пати го посетив неговиот гроб и знам многу луѓе од Хрватска кои го посетуваат. Се надевам дека повторно ќе ја посетам Македонија, кога ќе имам можност, и Крушево кое ми е многу драго место, покрај Охрид кој е роден град на мојата покојна мајка. Член сум на КУД„Илинден“, и секоја година го одбележуваме денот кога загина Тоше. Се собираме, пуштаме негови песни, ги пееме, и се сеќаваме на него. На тој ден јас носам маица со ликот на Тоше“, раскажува Квајо.
Славата на Тоше изминативе години донесе многу туристи во Крушево.
ТУРИЗМОТ ОДИ НАПРЕД, ПОКАЖУВААТ БРОЈКИТЕ
Во однос на 2017 година, во 2018 година во Крушево бројот на туристи се зголемил за 62%, а бројот на странски туристи пораснал за 31.5%, потврдуваат од општината.
Коста Мицкоски, раководител на секторот за локален економски развој во Општина Крушево, вели дека Срби, Хрвати, Словенци и Босанци доаѓаат да го посетат Крушево како родно место на Тоше, а останатите го посетуваат градот поради параглајдерските купови.
„Имаме домашни туристи, тие доминираат, но има и Холанѓани, Швеѓани, Англичани, Унгарци, Словаци, Руси, Украинци, Јапонци исто така имаше. Сакаме да го задржиме ова ниво, но и да имаме мало зголемување затоа што во 2019 година во Крушево ќе се одржи Светско првенство во параглајдерство“, додава Мицкоски.
Вели дека во градот во 59 објекти, има 600 приватни легла за туристи.
Мери Стојаноска која издава студија во центарот на градот, вели дека е задоволна затоа што од година во година бројот на туристи расте, а во нејзините сместувачки капацитети најчесто доаѓаат домашни гости, од кои пак 90% се од Скопје.
Сања Атанасовска