Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Фактор“ во општината со најмала излезност: Од Желино порака за ДУИ, шлаканица за „добриот“ живот

„Фактор“ во општината со најмала излезност: Од Желино порака за ДУИ, шлаканица за „добриот“ живот

Општина Желино во поновата историја на нашата земја ќе остане запишана како општина со најмал број гласачи кои излегоа на гласање на претседателските избори во 2019 година. Од 23.524 колку што се запишани на избирачкиот список, свој глас дале само 3.811 гласачи или само16, 2 отсто од сите. И од овие има ливчиња кои се неважечки. Според гласовите Стево Пендаровски е победникот, ама политички овде малку луѓе го поддржуваат. Но за слабата излезност политичката конотација не е единствена.

Делумно пресудила и емиграцијата, но и разочараноста на овие луѓе од одоворноста на политичарите. „Фактор“ беше во Желино, вчера, ден кој несекојдневно за мај, беше и доста студен. Дополнително во тек се Рамазанските пости, па во оваа општина немаше многу луѓе надвор. Нема и вообичано оти многу семејства живеат и работат надвор. Тие со кои разговаравме зборуваа отворено, иако многу малку сакаат да се експонираат. Можеби од страв, можеби оти, како што велат се разочарани, со ништо нема да успеат да ги променат нештата. Можеби и нецелосно се свесни дека и самото негласање е порака. И тоа со голема суштина.

Жителите кои ги затекнавме на центарот велат дека не кријат оти се поддржувачи на Блерим Река, поточно ги поддржуваат политиките на БЕСА. Тоа што не гласаа за Пендаровски велат, впрочем ја бојкотираат ДУИ.

„Еве и јас после долги години редовен гласач, во неделата на, 5 мај не излегов да гласам, не излезе ниту мојата фамилија. Да, има и многу иселени, но има и такви кои одлучија да бојкотираат и не излегоа на гласање. Познато е, никој не крие овде, граѓаните повеќе се за БЕСА и може со тоа што не излегоа на гласање граѓаните им свртија грб на ДУИ“, вели Р.Ф. мештанин на Желино.

Граѓаните кои успеавме да ги анкетираме сметаат дека и иселеноста на младите е причина за малиот процент на излезност кај жителите од Желино. Велат дека младото работоспособно население, секоја прилика ја користи за да подготви документи и час побрзо да замине од земјата, да ја бараат среќата на друго место, најчесто низ европските земји.

„Најмногу колку што знам јас од нашето село се иселуваат во Германија. Работат таму, најпрво одат синовите се снаоѓаат, а подоцна и снаите со внуците. Останавме сами чедо. И велам јас и на мојава дома, што ќе правиме ние двајцата сами овде, ќе нема кој вода да ни подаде ако сами не можеме да си земеме“, вели К. Р. со грутка во грлото.

Во Желино, плодната почва која ја има во изобилие нашата земја и шталите остануваат необработени, остануваат заборавени и оставени од своите сопственици. Помладите не сакаат да работат земјоделие или сточарство, како што велат мештаните, на децата им мирисало сточарството, а и не било платено. Затоа, прва прилика фаќаат патот под нозе и право кон Европа.

Додека го водевме разговорот се приклучи и друг граѓанин кој вели дека жали за другарството кое го имале порано со Македонците кои живееле во околината пред многу години и учеле заедно.

„Се дружевме многу, тие знаеја албански ние македонски, се дружевме ко деца многу. За празници сме се почитувале тие доаѓаа кај нас на Рамазан, ние кај нив за Велигден. Се сеќавам, си зборувавме албански и наеднаш сопре Зоки и му велам добро еве сега јас ќе продолжам македонски“, се смее и со носталгија си споменува жителот на Желино.

Жителите на Желино велат дека сакаат да имаат достоен живот, да можат да им обезбедат основни потреби на своите блиски, сакаат да работат и за сработеното да бидат платени колку што заслужуваат, а најмногу од се, се надеваат дека конечно политичарите ќе најдат решение со кое ќе ги задржат младите овде, во својот дом, во својата држава.

Бојкотирале или не, ги мачат секојдневните грижи како и во останатите помали општини од целата држава. Емиграцијата на младите ја празни општината, а пред се ги гаси домашните огништа на жителите од оваа општина.  Домовите остануваат празни.

Наталија Миланова

Фото - Вангел Тануровски


Слично

Поврзани вести