Економија, финансии, бизнис

Контакт

Фактор со значаен раст, посакуваме здравје за поголеми успеси за сите

Фактор со значаен раст, посакуваме здравје за поголеми успеси за сите

Среќна нова година! Ние сепак можеме да си посакаме среќа, да најдеме надеж, оптимизам, да имаме желби за насмевки. Убавите мисли да не престанат, да бараме смисла и во тежината во која немаше ни прости одговори. Зошто ни се случи ова? Зошто човештвото веднаш немаше соодветен одговор на предизвикот и најболното, зошто изгубивме толку драги наши?  

Искрено, најмногу од се посакуваме ова да заврши побрзо, да се избрише, баш како ctrl-z. Ние од 2020 имавме многу очекувања и сега најважно е да не жалиме, туку да се фокусираме на иднината. Вакцинацијата е процес кој започна и дава надеж дека ширењето на вирусот ќе се стави под контрола.

Во 2021 година Фактор планира да ги надмине бројките од годинава во која сепак забележавме значаен раст. И во 2020 година Фактор имаше најмногу авторски содржини, сериозни политички и економски анализи, ексклузивни стории, релевантни текстови. 

Тешко беше да се известува за кризата, болно беше да се пишува за смртните случаи. Работевме во специфични услови, од дома, од карантин - дури и кога нашите блиски се бореа со вирусот. Најважно е да сме живи и здрави, да. Овој предизвик ги помести приоритетите, па на скалата на вредности здравјето беше прво. 

Во годината што измина Фактор оствари над 27 милиони посети или за 8 милиони посети повеќе од лани. Фактор.мк, Машки Магазин.мк, Женскимагазин.мк, Хаштаг.мк  сите дел од медиумската групација Фактор медиа во 2020 година имаа над 52 милиони посети.

Сликата за оваа 2021 година ја замаглуваат бројките на инфицирани, болните кои се лекуваат во домашните здравствени установи, лелекот на реалниот сектор кој крвари погоден од пандемсиката криза.

Фактор ќе се обиде на свој начин да помогне во заздравувањето на економијата, во битката со вирусот - со текстови кои ќе бидат на страна на ранливите, со анализи кои ќе ги корегираат политиките, со информации кои ќе нудат точност и ексклузивност.

Посакуваме успешна држава, здрави луѓе и да ги читате нашите позитивни стории оти таква сакаме да е реалноста. 

Да имаме сила, да броиме успеси, да бидеме живи и здрави. Во поубави моменти во 2021 година, почнуваме сега.

Александра Томиќ


Слично

Поврзани вести