ФАКТОР НА ДЕНОТ: Владата го прекрои буџетот, а од 1 октомври недела е неработен ден
НАПРАВЕН Е РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ
Владата го усвои ребалансот на буџетот. Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, или 6,5 проценти од БДП.
Кратење има на расходите кај повеќе буџетски корисници и тоа по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Парите ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.
Приходите се проектирани на 222,6 милијарди денари, а тоа се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на оваа година. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на претходно планираното.НЕДЕЛА ЌЕ БИДЕ НЕРАБОТЕН ДЕН, НО ЌЕ ИМА И ИСКЛУЧОЦИ
Премиерот Зоран Заев денеска на прес конференција изјави дека недела ќе биде неработен ден. Oва стартува од 1 октомври.
Недела ќе биде ден за одмор, а законските измени и решенија се поднесени до Собранието. Работниците кои сепак би морале да работат во недела ќе добијат повисока плата (дневница до 50 проценти повеќе) за тој ден и слободен друг ден во текот на работните денови.
„Ја продолжуваме поддршката и грижата на работниците, а во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот. Оваа рамнотежа придонесува работниците да бидат поефикасни и мотивирани на работното место, а и да имаат приватен живот, семеен и социјален. Оваа грижа за благосостојбата за мотивацијата на работниците е вградена во предложените законски решенија. Посебна грижа во дизајнирањето на законот е вложена кај работниците во секторите кај кои не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На овие работници освен што ќе им следува плата за работа во недела, ќе им се обезбеди и слободен ден во текот на неделата“, рече премиерот.
Големи казни ќе има и за оние кои нема да го почитуваат овој закон.
АДМИНИСТРАЦИЈАТА ЌЕ ЗЕМЕ К-15 ГОДИНАВА
Годинава и јавната администрација ќе земе К-15, потврди денеска премиерот Зоран Заев.
Ќе го исполнат ветувањето кое претходно го дадоа. Поради тоа се алоцирани дополнителни 230 милиони денари и се опфатени сите кои што спаѓаат во колективните договори.
„Имаше одложување на оваа мерка во 2020 година во исплатата за 2019, поради тоа што кога требаше да се исплаќа почна третиот бран на ковид-кризата и беше навистина несоодветно време кога приватниот сектор оди со рационализирање, дополнителниот додаток да не се исплати“, рече премиерот.ВМРО-ДПМНЕ ИЗЛЕЗЕ НА ПРОТЕСТИ
Професорката Наташа Котлар денеска на предупредувачкиот протест, односно блокада во Скопје, која ја организира ВМРО-ДПМНЕ изјави дека со Договорот со Бугарија, соседот го оспорува македонскиот народ и јазик. Вели дека ќе бидеме негирани и асимилирани како народ.
„Со Преспанската спогодба националниот идентитет е засегнат, а со овој договор целосно ќе бидеме по мерка на нашите европски соседи, односно Грција и Бугарија. Дали тоа значи дека ова е Трета Балканска војна и сметам дека треба овие договори да бидат раскинати“, рече таа.
Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ повика Владата да биде транспарентна и да каже што преговара со Бугарија, а премиерот Зоран Заев да не биде трговец поединец. Неговиот сопартиец Тимчо Муцунски рече дека и претходно власта тврдела дека не се преговара за идентитет. Вели дека граѓаните се осиромашени и понижени.ДЕНЕС ИМА 23 ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУСОТ
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје:
Во последните 24 часа се направени 2.853 тестирања, а регистрирани се 23 нови случаи на КОВИД-19 од:
Скопје – 9, Куманово и Прилеп – по 3, Струмица и Кичево – по 2, Битола, Гостивар, Гевгелија и Радовиш - по 1.
Регистрирани се 32 оздравени пациент од:
Скопје – 13, Радовиш - 4, Битола и Кратово – по 3,Прилеп – 2, Гостивар, Куманово, Штип, Струмица, Кочани, Кичево и Берово - по 1.
Пријавени се вкупно 4 починати лица: 3 лица од Скопје (76г,76г и 77г) и едно лице од Куманово (71г).СПАСЕН Е ЧОВЕК КОЈ САКАШЕ ДА СЕ САМОУБИЕ
Спасувачката акција во Скопје, кај Мавровка е успешна. По неколкучасовно убедување, човекот, кој сакаше да се самоубие, односно да скокне од балконот, од последниот кат на зградата е спасен.
Полицијата успеа да го разубеди во неговата намера. Повеќе часови се преговараше со него. Во близина на зградата беше поставен и душек за спасување.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
Во земјава помалку од 20 отсто од луѓето живеат во станови, покажуваат податоците на Евростат.
