ФАКТОР НА ДЕНОТ: Собранието ги избра Кадри-Шахиновиќ и Јошевска-Анастасовска за нови членки на Судскиот совет
СОБРАНИЕТО ГИ ИЗБРА НОВИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ
Вонредната професорка Арлинда Кадри Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска денеска се избрани за членки на Судскиот совет.
Пратениците во Собранието на денешната седница ги изгласаа двата предлога на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во образложението истакна дека при изборот на кандидатките се водела од нивната стручност, компетентност, како и од професионалниот и личниот кредибилитет.
ПОЛИЦИЈАТА СО ПОТЕРНИЦА ГО БАРА МОМЧЕТО КОЕ ПРЕГАЗИ ЖЕНА
Министерството за внатрешни работи(МВР) распиша меѓународна потерница по Саитов Саит(18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик.
Имено 18-годишникот на ул. „Народен фронт“ во Скопје пред три дена со автомобил „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки удри во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а возачот со возилото избега од местото на настанот.
ВО КАРПОШ Е РЕГИСТРИРАН ЗГОЛЕМЕН БРОЈ УЛИЧНИ КУЧИЊА
Општина Карпош известува дека будно ја следи состојбата со зголемениот број на улични кучиња на територијата и е реагирано до Град Скопје и ЈП Лајка со барање за заедничка соработка и решавање на овој проблем.
„Екипите од ЈП Лајка веќе се на терен на повеќе локации во општината при што се врши заловување и хуман третман на кучињата согласно процедурите и стандардите за благосостојба на животните.
Евидентно е дека бројот на бездомните кучиња во последните неколку денови е зголемен, па затоа, во соработка со Градот ќе работиме интензивно на изнаоѓање на решение за моменталната состојба, како и на трајно решавање на проблемот со уличните кучиња“,соопштија од локалната самоуправа.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
