Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Русковска кажа каде завршила торбата „Луј Витон“, а Борисов ги кажа условите

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Русковска кажа каде завршила торбата „Луј Витон“, а Борисов ги кажа условите

ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА КАЖА КАДЕ ЗАВРШИЛА ТОРБАТА „ЛУЈ ВИТОН“

Имаме доказ дека торбата „Луј Витон“ од кај Камчев завршила во куќата на родителите на Боки 13, изјави денеска обвинителката Вилма Русковска. 

Таа по сведочењето на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, кажа дека најголем дел од исказот што денеска го даде Јовановски пред судот, не е вистина.

„Што се однесува до торбата за која тврдеше дека ја видел кога Милески ја земал и после два три дена кога Милески ја вратил, во анализата на неговиот телефон има слика, точно локација кајшто живеат родителите на Бојан Јовановски, точно време, торбата е внатре. Значи имаме и време локациски, кое нешто се совпаѓа со тоа дека од кај Камчев торбата завршува во куќата каде живеат родителите на Јовановски. Тој доказ беше презентиран и доставен пред Судот“,  рече Русковска.

Бојан Јовановски на денешното рочиште за предметот „Рекет“ рече дека со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, исто така обвинета за истиот случај, прв пат контактирал во септември 2018. Боки 13 рече дека синот на поранешната шефица на СЈО не бил вработен заради изнудување реклами од бизнисмени.

Рече дека тој ништо не избришал од телефонот. 

БОРИСОВ ГИ КАЖА УСЛОВИТЕ ЗА ПОДДРШКА НА ПАТОТ КОН ЕУ

Што да им кажеме на крајот, дека сме Македонци? Ние ги сакаме, ги почитуваме и би им дал најбратски совет – да не си поставуваат невозможни услови, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов на прес конференцијата синоќа по Самитот ЕУ - Западен Балкан.

Овој одговор Борисов го дал на прашањето на новинар кое гласело: По последните изјави од Северна Македонија, дали Бугарија не треба да удри на маса и врз основа на што продолжуваме да ги поддржуваме кога велат – ако треба да се откажеме од јазикот подобро да не влегуваме во ЕУ?

Борисов рече дека тоа е право на Македонија кое не сака да го коментира, но дека инсистира на спроведување на Договорот за добрососедство кој е услов. 

Нема договор потпишан од поединци, вели претседателот на СДСМ и екс премиер, Зоран Заев по најновите најави од Бугарија дека може да ги блокираат преговорите. 

Заев кажа дека не може да реагира на изјавата на Борисов, затоа што тој веќе не е премиер. 

Вели дека бугарскиот премиер, Бојко Борисов му е личен пријател, и дека македонскиот и бугарскиот народ сакаат да бидат пријателски настроени. 

КОРОНАТА ОДНЕСЕ УШТЕ ЕДЕН ЖИВОТ

Институтот за јавно здравје, денеска регистрира 22 оздравени пациенти, а има 33 нови случаи. На пат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починал пациент од Велес на 70 годишна возраст, кој од 4 мај бил хоспитализиран на инфективното одделение во болницата во Велес, а поради влошување на состојбата бил препратен во Скопје, информираат од Министерството за здравство

Оттаму велат дека во изминатите 24 часа направени се 332 тестирања, а потврдени се 33 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-11, Куманово-2, Штип-1, Прилеп-5, Тетово-2, Велес-9, Битола-2, Крива Паланка-1. 

Досега во земјата се направени вкупно 18.168 тестирања на КОВИД -19.

ЧИТАЈТЕ УШТЕ

Границите се затворени, а бизнисот во Дебар има пад на прометот за околу 40 отсто,  затоа што ги нема граѓаните од соседна Албанија кои пред да се појават првите потврдени случаи на коронавирусот, пазаруваа во градот.

Двете биогасни централи на ЗК Пелагонија во сточарските фарми во Новаци и Породин, како и единстеваната на Везе Шари и Лекер во Требош продале струја од биогас од точно 10 милиони евра во 2019, информира Регулаторна комисија за енергетика.

Самиот остана единствениот министер во оваа техничка Влада кој е предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а на функцијата прв полицаец остана многу повеќе од предвидените три месеци. 

Трговијата на мало е најжестока конкуренција во која големите риби ги јадат помалите. Најголемите десет македонски ланци на супермаркети лани имале одлична година.

Нацрт- преговарачка рамка за државава треба да биде завршена до јуни. Земјите-членки на ЕУ тогаш ќе го дискутираат тој нацрт, и треба едногласно да се согласат за конечната верзија, по што, веројатно во втората половина од годината, ќе се одржи првата меѓувладина конференција. 

Слично

Поврзани вести