ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ревизорите открија дека луѓе земале и пензија и социјална помош
РЕВИЗИЈАТА ОТКРИ ДЕКА ПЕНЗИОНЕРИ ЗЕМАЛЕ И СОЦИЈАЛНА ПОМОШ
Пензионери земале и социјална помош, а дел од корисниците добиле пари иако не го исполнувале условот за возраст, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за исплатата на права од социјална заштита.
Според ревизорите, поради слабости во системските контроли, размената на податоци меѓу институциите и недоволната проверка на корисниците, биле исплатени социјални права без целосно исполнување на законските услови.
Само кај конкретно наведените случаи, државата неосновано исплатила околу 300.000 евра.
НОВ ПОЖАР ВО ШТИП, ИМА ПОВРЕДЕН
Пожар се шири над штипско Ново Село.
Граѓаните бараат од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов, како и од сите надлежни служби, под итно да бидат ангажирани авионите и хеликоптерите за гаснење на пожарот од воздух.
Огнот веќе зафатил викендички и се движи низ исклучително непристапен терен каде што речиси е невозможно да се интервенира со возила.МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СООПШТИ ДЕКА СЕ ИСТРАЖУВА ДАЛИ ИМАЛО ЗЛОУПОТРЕБИ СО ЛИСТИ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ
Министерството за здравство има сознанија за можни злоупотреби со листите на чекање за операциии - оди пациентот да се оперира, го враќаат назад да направи нова крвна слика, пациентот прави нова и излегува дека била добра, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој вели дека се проверуваат евентуални злоупотреби.
„Има такви случаи од типот на пример оди пациент со рак да се оперира, се враќа назад бидејќи крвната слика не е доволно добра за да може да се оперира. Пациентот прави крвна слика во друга лабораторија, излегува дека сè е во ред. Но, мора да ги анализираме, работиме да ги детектираме таквите можни злоупотреби со листите на чекање. Исто така, листата на чекање треба да се чисти. Имаме пациенти кои што за жал веќе не се меѓу нас и тие треба да се чистат, но тоа не можеме ние како Министерство. Мора заедно со здравствената институција, законски мора заедно тие практично да ги чистат. И ние одиме со наши вработени физички таму за да може на лице место да се чисти и да се ажурира детално“, рече министерот.КАЗИНА НЕМА ДА СМЕЕ ДА ИМА НА 500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТАТА
Собранието денеска даде зелено светло, со 59 гласа ЗА, за предлог-законот за игрите на среќа.
Со ова казината нема да смеат да се во растојание од 500 метри до училиштата, забрана за рекламирање на излозите на коцкраниците, се забранува рекламирање со кое коцкањето се претставува како начин до личен успех, секој апарат мора да има задолжителен систем за локација (GPS) за тековна контрола од страна на УЈП, лиценците нема да можат да се мултиплицираат, се воведуваат финансиски давачки за отварање на нови уплатно-исплатни места, зголемување на износите на банкарските гаранции и имплементација на препораката MONEYVAL (Совет на Европа) како стандард во борбата за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.
ЧИТАЈТЕ УШТЕ