ФАКТОР НА ДЕНОТ: Премиерот вели дека нема потреба од прогласување кризна состојба, ќе разговара со маркетите да не ги зголемуваат цените
МИЦКОСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ПОТРЕБА ОД КРИЗНА СОСТОЈБА
Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред медиумите рече дека нема да биде прогласена кризна состојба од страна на Владата со цел да се намали акцизата на горивата по големиот пораст на цените, особено на дизелот.
Мицкоски рече дека горивата имаат најниска цена во регионот и граѓани од соседните земји поради тоа точеле гориво во земјата. Премиерот очекува стабилизација на цените по денешните вести од светската берза.
НЕНАД САВЕСКИ Е ПРЕДЛОГОТ ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
Владата на денешната седница го утврди предлогот за нов државен јавен обвинител, кандидатот кој ќе биде предложен до Собранието е судијата Ненад Савески.
Ненад Савески е роден на 22 јули 1976 година, а потекнува од Гостивар, каде и живее со семејството. Оженет е и е татко на три деца.
По образование е магистер по правни науки од областа на казненото право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде претходно дипломирал. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.МЕНКИНОСКИ ЌЕ ЈА ОСПОРИ ОДЛУКАТА НА БУГАРСКИТЕ ВЛАСТИ
Адвокатот Тони Менкиноски најави дека ќе ја оспори одлуката на бугарските власти со која му е изречена забрана за влез во Бугарија до 2036 година. Тој вели дека во постапката правно ќе го застапува бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права.
Менкиноски, кој ги застапува македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кажа дека одлуката на источниот сосед ја доживува како форма на заплашување.
Бугарскиот Хелсиншки комитет ќе ја преземе правната поддршка во постапката пред надлежните бугарски судови, со цел да се преиспита законитоста на одлуката за забрана за влез и неговото внесување во националниот алармен регистар.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
