ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ниту еден сведок не се појави на денешното судење зa „Пулс“
НИТУ ЕДЕН СВЕДОК НЕ ДОЈДЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“
Со барања за психијатриски вештачења, читање исказ на сведок и предлози за проверка на достапност помина денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на кое не присуствуваше ниту еден од предложените сведоци на Јавното обвинителство. Судот ги прифати предлозите на Обвинителството, вклучително и читањето на исказот на Денис Даутовски, кој не е достапен на органите на прогон.
За сведоците Ана Томева и Лина Крстова, Обвинителството најави ангажирање вешто лице од областа на психијатријата по што судот ќе одлучува дали се исполнети условите за примена на член 388 став 5 од Законот за кривичната постапка (ЗКП).
- На претходната расправа вие начелно кажавте дека е пристигната медицинска документација и дека дополнително ќе нѐ известите, но за да биде запазена процедурата, од страна на Обвинителството е ангажирано вешто лице од областа на психијатријата за да може тоа да се произнесе дали состојбата во која се наоѓа Ана Томева претставува душевно заболување, а за да можеле да пристапиме кон примена на исклучокот предвиден во одредбата од член 388 став 5 од ЗКП за непосредно изведување докази. Меѓутоа, бидејќи медицинската документација се наоѓа кај вас, а секако треба и да биде направен непосреден надзор од страна на стручното лице, таквата документација дополнително ќе биде обезбедена и приложена до судот за да ја примениме - истакнаа од Обвинителството.
Слична постапка беше најавена и за сведокот Лина Крстова.
НОВИ ПОШТАРИ ЌЕ БИДАТ ПРИМЕНИ ВО „МАКЕДОНСКА ПОШТА“
Директорот на АД „Пошта“, Орхан Куртиши, тврди дека состојбата во компанијата се стабилизира, нагласувајќи дека во изминатите две години платите доцнеле само еднаш.
-Во двете години откако сум директор, платата доцнела само еден месец и тоа во законскиот рок. Доцневме само еден ден – на 16-ти им ги исплативме платите. Се стабилизираме – изјави вчера Куртиши.
Поштата вчера доби 100 нови возила, инвестиција вредна околу два милиони евра, но и понатаму се соочува со сериозни предизвици. Просечната возраст на вработените е 55 години, а во минатото недостигот на возила и поштари довел до тоа околу 600 илјади пратки да останат во магацините.СДСМ ТВРДИ ДЕКА ГРУЕВСКИ ЌЕ БАРА ЗАСОЛНИШТЕ ВО РУСИЈА И БЕЛОРУСИЈА
СДСМ тврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски бара засолниште во Русија и Белорусија.
СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека од пред камери им се заканува со политички прогон, додека во исто време дозволува Никола Груевски повторно да избега од правдата. Според СДСМ со вакви пораки се врши политички притисок и се отвора опасна дебата за улогата на институциите во пресметките меѓу власта и опозицијата. Партијата соопшти дека ќе побара реакција и од европските институции, тврдејќи дека ваквиот настап е спротивен на принципите на владеење на правото и поделбата на власта.
Во нивната реакција се посочува дека секој што е под сомнеж треба да одговара пред законот, но без јавни навестувања од политичкиот врв за тоа кој би можел да биде следен.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
