ФАКТОР НА ДЕНОТ: Над 3,5 милиони долари поддршка за МВР, Тошковски вели дека дијалогот со САД носи резултати
НАД 3.5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ПОДДРШКА ОД САД ЗА МВР
МВР истакнува дека во рамки на дијалогот со САД става силен акцент на зајакнување на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и унапредување на разузнавачката соработка со партнерските служби.
„Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави е важен процес што носи конкретни резултати за безбедноста на нашите граѓани. Преку ова партнерство обезбедуваме посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и модерни, отпорни институции“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој во Вашингтон е дел од владината делегација каде што се одржува втората сесија од овој билатерален процес.
Првиот човек на МВР истакна и дека паралелно, се работи и на унапредување на сајбер безбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите, со цел поефикасна заштита на институциите и критичната инфраструктура.
ПРЕВИРАЊА ВО ССМ
Одлуката на Граѓанскиот суд донесена во февруари годинава со која се потврдува дека Живко Митрески во 2017 година е нелегитимно сменет од функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, актуелното раководство на ССМ ја гледа како обид да бидат институционално замолчени.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска на прес-конференција посочи дека оваа пресуда е втора иако Апелациониот суд минатата година ја укинал првичната пресуда со цел да се утврди дали има правен основ за водење на постапка против починато лице.АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА ЛИДИЈА ДИМОВА
Апелацискиот суд ја укина пресудата со која Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше осудена на двегодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба и предметот го врати на повторно судење.
Според сознанијата, укинат е и делот со кој Димова требаше да врати 370 илјади евра кон Националната агенција.
ЦЕНИТЕ ВО УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ПАК СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ
Цените на угостителските услуги во периодот јануари – март 2026 година во однос на истиот период лани се зголемени за 3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Во март годинава, пак, во споредба со истиот месец од 2025-та, угостителските услуги се поскапени за 2,4 проценти.
Споредено со февруари годинава, цените се зголемени за 0,1 отсто.
ЧИТАЈТЕ УШТЕ
фото Влада
