ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски порача дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите
МИЦКОСКИ ГО КРИТИКУВАШЕ СУДСТВОТО
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека не е целосно задоволен од темпото со кое институциите испорачуваат правда и оцени дека е потребна многу побрза реакција од надлежните органи.
„Морам да кажам дека и јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека ги слуша реакциите и незадоволството на граѓаните, особено во случаи кога, како што наведе, поединци мислат дека успеале да ја избегнат правдата.
„Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата“, рече премиерот.БРНАБИЌ ЈА БРАНЕШЕ МАКЕДОНИЈА
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ на меѓународна безбедносна конференција ГЛОБСЕК во Прага предупреди дека пристапот на Европската Унија кон Македонија, која дури го промени и своето име, а сè уште нема датум за почеток на преговорите, е крајно неправеден и сериозно го поткопува кредибилитетот на ЕУ.
„Тоа што се случува околу Северна Македонија едноставно не е праведно. Тоа е толку нефер што не може никому во светот да му се објасни. Државата го промени името, а за возврат не доби ниту датум за почеток на преговорите“, истакна Брнабиќ, пренесува Бета.
Таа додаде дека ваквиот однос предизвикува страв кај граѓаните во однос на какви било уставни измени, бидејќи постои ризик по неколку векови некоја земја повторно да измисли ирационален билатерален спор и да го блокира процесот.СТОИЉКОВИЌ ЌЕ ГО ТУЖИ ФИЛИПЧЕ
Потпретседателот на владата Иван Стоиљковиќ поднесува тужба против првиот човек на СДСМ, Венко Филипче во врска со неговите обвинувања дека работи за српската тајна служба и дека е во дослух со рускиот претседател Владимир Путин.
Вели дека нема да бара демант или извинување.
„Глупаво е да очекуваш пристојност и разум од лик подготвен да гази по сопствениот образ за пет минути евтин аплауз на партиски прес-конференции и сто лајкови на социјалните мрежи. Сепак, неговиот очај за внимание на крајот ќе излезе корисен. Срамот што ќе го плати на суд, до последен денар ќе го донирам таму каде што примарната дејност е токму третирањето на вакви акутни состојби на умот – во Психијатриската болница во Бардовци. Како симболичен придонес за институцијата која, за жал, овој пат не успеала навреме да превенира”, објавува Стоиљковиќ.МНР ГИ ОСУДИ РУСКИТЕ НАПАДИ ВО УКРАИНА
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија преку објава на социјалните мрежи остро ги осуди најновите масовни ракетни и дронски напади на Русија врз Украина.
Министерството наведува дека нападите биле насочени кон Киев и други региони во земјата, при што имало цивилни жртви и значителна штета врз критичната инфраструктура.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
