ФАКТОР НА ДЕНОТ: Mицкоски ги повика градоначалниците да се зафатат со капиталните проекти, во меѓувреме бурни реакции за Дaрдишта
МИЦКОСКИ ГИ ПОВИКА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ДА СЕ ЗАФАТАТ СО РАБОТА
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес - конференција изјави дека градоначалиците треба да ги засукаат ракавите и да ги решаваат проблемите на граѓаните.
Тој вели дека дел од општините се презадолжени и има злоупотреба на ресурсите, има луѓе кои земале плата, а не оделе на работа.
„Потребен е максимален ангажман за да се реализира ветеното“, рече Мицкоски.
Вели дека ќе побара од градоначалниците да почнат со најмалку три капитални проекти од инфраструктурата. Бара да се откажат од привилегиите кои во минатото нивните претходници ги злоупотребувале. Повика и другите градоначалници да го сторат тоа, иако не се од нивната партија или коалиција. Да не злоупотребуваат службени возила, да не плаќаат ручеци со општински пари и слично.ВМРО-ДПМНЕ УТРЕ ЌЕ ЈА ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ГЛАСАЊЕ НЕДОВЕРБА НА ВЛАДАТА
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека утре во 14.30 часот во Собранието ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на актуелната Влада.
Тој тврди дека е стабилно новоформирано мнозинство од 61 пратеник и вели дека Скендер Реџепи, пратеникот од Алтернатива, за кого вчера неофицијално објавија некои медиуми дека нема да гласа за недоверба на Владата, е нестпрлив да падне „оваа корумпирана влада“.
БУРНИ РЕАКЦИИ ЗА ЗАКАНАТА НА ДАРДИШТА
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вели дека радикалната изјава на Шкодране Дардишта од ДУИ, која се заканува со војна, го натерала да и одговори во нејзин стил, уверен дека ваквата популистичка, заканувачка и распалувачка реторика веќе не минува кај мнозинството македонски граѓани.
Тој и порачува дека ако таа ги чува своите стари чизми на таванот во старата куќа, тие во нашите заеднички полициски станици и армиски касарни имаат нови гојзерици.Лидерот на Левица, Димитар Апасиев на Фејсбук укажува дека институциите не реагираат и дека имаат двојни аршини, во врска со најновиот случај каде кадар на ДУИ, Шкодране Дардишта се закани со војна.
Таа се закани со војна, откако е објавено дека ВМРО-ДПМНЕ има ново парламентарно мнозинство, со што ДУИ по долги години може да замине во опозиција.ДЕНЕС ИМА 454 ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУСОТ
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа:
Направени се 3.019 тестирање, а регистрирани се 454 нови случаи на КОВИД-19:
Скопје – 187, Битола – 37, Прилеп - 32, Куманово – 30, Штип – 29, Кавадарци – 25, Велес и Тетово – по 17, Охрид – 12, Кочани и Пробиштип – по 9, Крива Паланка и Ресен – по 7, Неготино – 5, Свети Николе – 4, Богданци, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Струга и Струмица – по 3, Берово и Кичево – по 2, Виница, Гостивар, Дојран, Македонски Брод и Пехчево – по 1.
Регистрирани сe 236 оздравени пациент од: Скопје – 98, Куманово – 23, Штип – 17, Велес – 16, Кавадарци – 14, Битола – 12, Прилеп – 10, Радовиш – 7, Кочани и Пробиштип – по 6 , Ресен и Берово – по 4, Свети Николе, Струмица, Делчево, Демир Хисар, Виница, Пехчево и Кратово – по 2, Гевгелија, Богданци, Кичево, Гостивар и Крушево - по 1.ВО РЕГИОНОТ ЗАСИЛЕНИ АНТИ КОВИД МЕРКИ
Во Словенија во последните 24 часа има 2.313 нови случаи на коронавирус. Починале 11 пациенти, а бројот на хоспитализирани се искачил на скоро 800.
Словенија воведува нови рестриктивни мерки од утре. Се скратува работното време на кафеаните и се забранува собирање на луѓе кои не се членови на исто домаќинство.
