ФАКТОР НА ДЕНОТ: Македонците се евакуираат од Авганистан, но скоро 190 авганистански цивили ќе бидат прифатени во Македонија
МАКЕДОНСКИТЕ ДРЖАВЈАНИ СЕ ЕВАКУИРААТ ОД АВГАНИСТАН
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека 25 наши државјани летаат кон Доха, а во и околу аеродромот во Кабул на безбедно има уште педесет лица.
Состојбата во Авганистан нагло се влоши и освен базите на НАТО и САД, целата територија на државата е под управа на новата талибанска власт, додава Османи.
„Во контакт сум со колегите од САД, Турција и Катар и постои брз канал за координација. Работната група е во постојана комуникација за нивно извлекување. 25 наши државјани се веќе на воениот терминал и со американски воен авион ќе бидат испратени во Доха, а останатите 25 што се во моментов на аеродромот се упатени на следниот лет. Има уште 25 лица во американската база во Кабул што е во непосредна близина на аеродромот, тие се на безбедно и се на листа на чекање за нареден лет. Немаме други регистрирани наши државјани на територијата на Авганистан“, информира Османи.
МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПРИФАТИ СКОРО 190 АВГАНИСТАНСКИ ЦИВИЛИ
Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан, информираат од Владата.
„Времето на полетување на овие граѓани од Авганистан сѐ уште не може да се потврди имајќи ги предвид сложените услови на аеродромот во Кабул, но може да се очекува дека ќе пристигнат следните денови. Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје после што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од КОВИД-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани“, соопштуваат од Владата.
ДЕНЕС ИМАМЕ СКОРО 300 ЗАРАЗЕНИ
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје дека во последните 24 часа се направени 3.480 тестирањa, а регистрирани се 296 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во Скопје – 143, Гостивар – 60, Кичево – 23, Струмица – 11, Штип – 10, Тетово – 9, Куманово – 8, Струга – 6, Охрид – 5, Прилеп, Радовиш и Дебар – по 3, Битола, Кочани, Неготино и Пробиштип – по 2, Велес, Кавадарци, Виница и Кратово – по 1.
Регистрирани сe 109 оздравени пациенти од: Тетово - 42, Скопје – 33, Гостивар – 12, Куманово - 6, Кавадарци – 4, Струмица – 3, Кичево, Радовиш, Битола и Пехчево – по 2, Велес – 1.
Пријавени се 8 починати лица: 3 починати лица од Гостивар (54г, 69 и 78г), по 2 лица од Струга (69г и 74г) и Тетово (44г и 51г) и едно лице од Кочани (74г). Сите починати лица се починати во болнички услови.ОД ДЕНЕС РЕСТРИКЦИИ ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ
Популарните кафулиња во центарот на Скопје и денеска работат навидум вообичаено. За некои од нив е вообичаено да немаат гости претпладне, додека други беа полупразни, па можеше и невакцинирани лица да се напијат кафе на почетокот од новата работна недела.
Од денес, во земјава, се бара потврда за вакцинација или прележан ковид-19 за да отидете во угостителски објекти, концерти или натпревари. Според одлуката на владата во Скопје, поради забрзаното ширење на вирусот, работата на затворените делови од угостителските објекти е забранета, а за седење во отворени делови на кафулиња, ресторани и клубови, лицата над 18 години ќе мора да имаат потврда за најмалку една примена доза вакцина.НА ПОВИДОК НОВИ МЕРКИ
Да се регулира влезот и излезот од Македонија поради ширењето на коронавирусот.
Ова министерот за здравство Венко Филипче ќе го побара од Владата, заради заштита на населението од коронавирусот.
Во изјавата за медиуми Филипче рече дека мерки за Тетово засега нема, а Комисијата за заразни болести разговарала да се намали работното време на објектите и намалување на капацитетите во автобусите. Но засега, овие мерки нема да се имплементираат.
„За влез и за излез од Македонија за сите граѓани, без разлика дали се наши државјани или странци, да се бара негативен ПЦР тест, доказ за примена вакцина или доказ дека ја прележале болеста. Утре ќе знаеме дали и како би се имплементира оваа мерка“, рече Филипче.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
Повеќе од 80 луѓе сака да прими на работа Фондот за здравствено осигурување на земјава. Само во еден ден распишани се огласите за прем на сите овие луѓе, и тоа ни помалку ни повеќе, туку точно на 6 август, денот кога беа распишани локалните избори.