ФАКТОР НА ДЕНОТ: Koвачевски обвини за непотизам во М-НАВ, за Тасевски критиките се со цел дефокус
КОВАЧЕВСКИ ОБВИНИ ЗА НЕПОТИЗАМ ВО М-НАВ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска за прв пат се огласи во јавноста за инцидентот со тепањето на контролори во македонски навигации (М-НАВ) во четвртокот и рече дека работењето на синдикатот на контролата на летање ќе биде разгледан од Државниот инспекторат за труд, а ќе има и посебен извештај од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
- Тоа е семејна фирма со вработени до трето колено. Кога ќе земете претседател на синдикат - он работи таму, татко му, брат му работи. На крај станале семејство во кое има конфликти кои обично се случуваат по дома кај луѓе. Треба да се испита начинот на кој ги прават конкурсите и критериумите на селекција на кандидати да не се случи некој кандидат да добие готови тестови. Премногу случајности има за да бидат случајности, рече Ковачевски.ТАСЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ОБВИНУВАЊАТА СЕ ДЕФОКУС
Александар Тасевски, претседател на синдикатот на М-НАВ вечерва во интервју за Телма изјави дека со настаните од 4-ти месецов, почна одмотување на клопчето во М-НАВ.
„Тоа не е настан кој резултира од грешките од вчера или завчера, туку покажува дека целиот овој период погрешно била поставена целата постапка, кој лица биле вработени во службите за обезбедување, каква била нивната задача, дали имале други активности, кога во одреден момент се договориле да направат напад врз контролор на летање, но законодавството да си ги одговори овие прашања“, изјави во вечерашната Топ Тема на Телма, Александар Тасевски, претседател на синдикатот на М-НАВ.ВЛАДАТА ЌЕ ГО РАЗГЛЕДА ПРЕДЛОГОТ НА ПЕНДАРОВСКИ ЗА ЛИЧНИТЕ ДОКУМЕНТИ
Владата ќе го разгледа предлогот на претседателот на државата, Стево Пендаровски да се пролонгира рокот за замена на документи.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со предлогот да се пролонгира рокот за замена на лични документи кој, во согласност со Преспанскиот договор, истекува на 12 февруари.
Пендаровски вчера во гостување во ТВ Сител рече дека на двајца министри им предложил со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи, рокот да може да се одложи до септември-октомври и за тоа да биде известена Грција.ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР СЕ СРЕТНА СО АХМЕТИ И УКАЖА НА ВИСОКАТА КОРУПЦИЈА
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп објави фотографија од заедничка средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на која му било кажано дека со вакво ниво на корупција и владеење на правото, Македонија да не очекува влез во Европската унија.
Дипломатот му рекол на Ахмети и дека не смее да има политичко мешање во изборот на претседател на Врховниот суд. Според фотографијата, средбата била во партискиот кабинет во седиштето на ДУИ.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
