ФАКТОР НА ДЕНОТ: Гужви на граничните премини, над 16.000 граѓани отишле во странство за празникот
ГУЖВА НА ГРАНИЦИТЕ
Над 16 илјади македонски граѓани од вчера до денеска на пладне ја напуштиле државата преку Богородица и Табановце.
Од Mинистерството за внатрешни работи(МВР) информираат и дека поради почетокот на целосната имплементација на новиот систем за влез во Европската Унија, можно е и зголемување на времето на задржување на граничните премини при влез во ЕУ. Сепак, како што додаваат, преземени се сите неопходни мерки за непречено функционирање на граничните премини, со ставање во функција на сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел да се обезбеди брз проток на патници.
На граничниот премин Богородица, во периодот од 9 април во 12 часот до 10 април во 12 часот, во државата влегле 1.394 македонски државјани, додека излегле 6.864. Во истиот период, влез оствариле 4.753 странски државјани, а 5.070 ја напуштиле државата.ОД ДУИ РЕАГИРААТ ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ
Од ДУИ велат дека предлог законот за правична застапеност од професорката Тања Каракамишева е брутален регрес.
„Ова што се случува е повеќе од разочарување – ова е отворено предавство кон секое достигнување за кое се жртвувало со децении. Секогаш кога мислиме дека го допреле дното, тие наоѓаат нов начин да паднат уште подолу. Предлог-законот за „правична и соодветна застапеност“, изработен од Каракамишева и гласно поддржан од ВЛЕН, не е напредок -туку брутален регрес“, реагираат денеска од ДУИ.МИСАЈЛОВСКИ БЕШЕ НА СРЕДБА ВО ПЕНТАГОН
Mинистерот за одбрана Владо Мисајловски оствари значајни средби во Пентагон.
Мисајловски се сретна со помошникот секретар за меѓународни безбедносни прашања, Даниел Зимерман, при што е потврдено дека стратешкото партнерство и билатералната соработка во областа на одбраната се на исклучително високо ниво. На средбата беше нагласена заедничката определба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел зајакнување на регионалната и глобалната безбедност.
Воедно, министерот изрази благодарност за континуираната поддршка од САД која е исклучително значајна во процесот на модернизација на македонската Армијата и развојот на интероперабилноста со сојузниците во НАТО.