Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Градоначалникот на Чешиново-Облешево бара помош за справување со поплавите

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Градоначалникот на Чешиново-Облешево бара помош за справување со поплавите

ПОПЛАВИ ВО ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО

Обилните врнежи од ноќеска предизвикаа сериозни проблеми во источниот дел на Македонија, каде Кочанска Река се излеа од коритото и ги поплави селата Чешиново, Облешево и Чифлик. Во Облешево, водата зафати куќи, ниви и магацини со ориз.

Општина Чешиново–Облешево активираше кризен штаб. Градоначалникот Јорданчо Костадинов изјави дека екипите работат на терен, но дека е неопходна дополнителна механизација за да се справат со последиците.

„Излезени сме на терен со капацитетите кои ги имаме, но сепак морам да апелирам до целата јавност да пружи помош на нашата општина, бидејќи со тоа што ние го располагаме како капацитет не е доволно да се справиме со овој проблем“, алармира градоначалникот.

Мештаните на Чешиново и Облешево велат дека причина за поплавите во нивните села се неисчистените канали.

ШЕСТ ДЕЦА ОД „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“ СЕ ПОЗИТИВНИ НА НОРОВИРУС

Шест деца од училиштето „Димо Хаџи Димов“ се позитивни на норовирус. 

„Целосно се завршени анализите на мострите од вода земени од ОУ „Димо Хаџи Димов“ и физичко-хемиската анализа, како и микробиолошката анализа на водата се во рамките на реферетните вредности“, информира Институтот за јавно здравје(ИЈЗ). 

Тешки метали, како што соопшти ИЈЗ, во мострите од вода не се пронајдени.

СЕ ОДРЖА УШТЕ ЕДЕН „МАРШ ЗА АНГЕЛИТЕ“

„Маршот за ангелите“ денеска почна од Паркот на револуцијата во Кочани со порака дека се чекори „со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не можат да чекорат“. 

Организаторите нагласија дека овој марш не е протест, туку мирен, достоинствен збор против неправдата и потсетување дека зад секој судски предмет стојат човечки животи, семејства и болка што не поминува. Во вторникот во судницата во затворот Идризово беше одржано второто рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ кој се случи на 16 март годинава.

ТРАМП ГО ЗАТВОРИ НЕБОТО НАД ВЕНЕЦУЕЛА

Американскиот претседател Доналд Трамп, објави целосно затворање на воздушниот простор над Венецуела и околните области. 

„До сите авиокомпании, пилоти, дилери на дрога и трговци со луѓе: Ве молиме, сметајте го воздушниот простор над и околу Венецуела за целосно затворен“, напиша тој.

На 23 месецов, Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица, објави дека САД се подготвени да започнат нова фаза операции против Венецуела „во наредните денови“. Еден од изворите на агенцијата забележа дека Трамп е „подготвен да ја искористи целата американска моќ“ за борба против трговијата со дрога.

ПЕНЗИОНЕРИТЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД УСТАВЕН СУД ВО ПОНЕДЕЛНИК

Пензионерите  во понеделник ќе протестираат пред Уставниот суд.

Пенизонерите кои се за линеарно зголемување на пензиите денеска од Штип порачаа дека на 1 декември пензионерите ќе протестираат пред Уставен Суд во Скопје, со цел како што велат да продолжи линеарното пресметување на пензиите. Тие повикаа на масовност, со цел заеднички да се изборат за нивните права.

Пензионерите прво добија пет илјади денари линеарно покачување на пензиите, а во септември добија уште илјада денари.

фото МИА

Слично

Поврзани вести