ФАКТОР НА ДЕНОТ: ЕП го усвои извештајот за напредокот на Македонија, историските прашања остануваат
ЕП ГО УСВОИ ИЗВЕШТАЈОТ
Европскиот парламент денеска во Стразбур го усвои извештајот за напредокот на Македонија, но не го прифати амандманот на известувачот Томас Вајц со кој требаше да биде избришан спорниот став 73. Со тоа во конечниот текст остануваат формулациите што се однесуваат на „заедничката историја“ и барањето Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“.
Резолуцијата беше изгласана со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 36 воздржани. Обидот да се избрише ставот 73 не доби поддршка, при што мнозинството европратеници гласаа за негово задржување во текстот.ВМРО-ДПМНЕ СЛАВИ 36 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето на централната прослава по повод 36-годишнината од формирањето на партијата во Струмица направи обемен историски осврт на развојот на ВМРО, истакнувајќи дека идеологијата и континуитетот на организацијата се длабоко вградени во програмските определби на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека не сакал да држи историски лекции, но дека е неопходно да се потсетат граѓаните на историските факти.
„Секој член на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде свесен за историскиот габарит кој го носи ова име“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека корените на денешната ВМРО-ДПМНЕ се поврзани со формирањето на Внатрешната македонска револуционерна организација во 1893 година, која како своја основна цел ја имала борбата за автономна Македонија.
Според него, континуитетот со историското ВМРО не е апстрактен поим, туку суштинска идеолошка определба која била прифатена од сите партиски раководства во изминатите 36 години и останала дел од политичкиот идентитет на ВМРО-ДПМНЕ.ПЕТРОВА-ЧАМОВА Е ПРОТИВ БЛОКАДА НА БУГАРСКО-МАКЕДОНСКАТА ГРАНИЦА
Иницијативите за блокирање на бугарско-македонската граница се контрапродуктивни и би можеле да му наштетат на ставот на Бугарија во односите со Македонија, вели шефицата на бугарската дипломатија, Велислава Петрова-Чамова, за планираните протестни акции.
Двочасовното блокирање на трите гранични премини со Бугарија в недела го организира фондацијата „Македонија“ на Виктор Стојанов, а за тоа, наводно, е добиена согласност од бугарското министерство за внатрешни работи.
„Во секој случај, ваквите акции ќе бидат контрапродуктивни“, рече министерката во изјава за бугарските медиуми.ПОЛИЦИЈАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА НЕКОЛКУ СКОПЈАНИ ПОРАДИ ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА
Кривична пријава e поднесена против петмина скопјани за терористичка организација.
Министерството за внатрешни работи(МВР) поднесе кривична пријава против пет лица од Скопје поради сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“.
Како што соопшти полицијата, пријавени се Ј.К. (30), Ј.М. (22), М.Т. (23), Р.К. (23) и Г.М. (34), сите од Скопје. Постапката е поведена врз основа на претходно добиени сознанија и информации од меѓународни партнери, а акцијата била реализирана во координација со Агенцијата за национална безбедност и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
фото принтскрин
