ФАКТОР НА ДЕНОТ: ДУИ и Левица прифатија да одат на лидерска кај Мицкоски, а СДСМ не
ДУИ И ЛЕВИЦА ЌЕ ОДАТ НА ЛИДЕРСКА
Во Клубот на пратениците утре ќе се одржи лидерска средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од ДУИ вечерва потврдија дека лидерот Али Ахмети утре ќе присуствува на лидерската средба која ја свика премиерот Христијан Мицкоски.
Засега, нема детали каков ќе биде ставот на Ахмети за техничката влада.
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата „Вреди“, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Левица најави дека прифаќа да се укине техничката влада, но само ако се воведе една изборна единица.
ВЛАДАТА ГИ ИЗБРА КАНДИДАТИТЕ ЗА СТРАЗБУР
Владата на денешната 141-ва седница ја усвои листата на кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Номинирани се тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
Со ова, постапката влегува во следната фаза. Министерството за надворешни работи(МНР) сега има обврска да побара мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа. Овој панел треба да оцени дали предложените кандидати ги исполнуваат строгите пропишани критериуми за оваа престижна функција.КАДИР КАРА КОЈ УБИ СОНАРОДНИК ВО ШТИП ДОБИ 17 ГОДИНИ ЗАТВОР
Основниот суд во Штип му изрече казна затвор од 17 години на Кадир Кара, турски државјанин кој призна дека го убил својот сонародник во кафуле на градскиот плоштад. Покрај затворската казна, на Кара му е одредена и мерка протерување од државата, која ќе се изврши откако ќе ја одлежи казната во македонски затвор.
Пресудата следува по признанието на вина за кривичните дела „убиство“ и „неовластено држење на оружје“.БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН Е СПРЕЧЕН ДА ВЛЕЗЕ ВО МАКЕДОНИЈА
МВР извести дека е лишен од слобода бугарски државјанин на граничен премин Деве Баир, откако кај него биле пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
- На 12.01.2026 во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина, извести МВР.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
