ФАКТОР НА ДЕНОТ: Бројот на заразени скокна над 900, по 22 на сила е забраната за движење
БРОЈКИТЕ НА ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУСОТ РАСТАТ
Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје:
Во последните 24 часа се направени 3.707 тестирања, а регистрирани се 913 нови случаи на ковид-19 во:
Скопје – 440, Прилеп – 64, Кавадарци – 50, Куманово – 45, Тетово – 35, Гевгелија – 33, Неготино – 31, Гостивар – 29, Охрид – 26, Велес и Битола – по 24, Струмица – 21, Крушево – 11, Кочани и Крива Паланка – по 10, Ресен – 7, Струга и Свети Николе – по 6, Кичево и Демир Капија – по 5, Штип, Радовиш, Богданци и Демир Хисар – по 4, Делчево, Берово и Валандово – по 3, Дојран – 2, Пробиштип, Виница, Македонски Брод и Пехчево – по 1.
Регистрирани се 351 оздравени пациенти од:
Скопје – 173, Охрид – 37, Прилеп – 28, Кавадарци – 16, Велес и Струмица – по 12, Куманово – 11, Неготино – 9, Тетово и Гевгелија – по 8, Струга – 7, Кочани – 5, Штип и Битола – по 4, Крива Паланка и Берово – по 3, Виница, Богданци, Кратово и Демир Капија – по 2, Гостивар, Делчево и Валандово – по 1.
Пријавени се вкупно 16 починати лица. Починати се по 7 пациенти од Прилеп (87г, 82г, 75г, 74г, 70г, 66г, 63г), 6 пациенти од Скопје (83г, 75г, 72г, 69г, 66г, 54г) и по еден пациент од Гостивар (87г), Гевгелија (71г) и Крушево (40г). Сите пациенти се починати во болнички услови.СТАРТУВА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС
За неполни 4 часа стартува полицискиот час во земјава, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Од 22 часот до 5 часот наутро граѓаните ќе може да ги напуштат своите домови само со посебни дозволи. Министерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели не беше лесно да се донесе одлуката за полициски час, но таа се воведува за да не дојде до построги мерки.
Отстапки од забраната ќе има само за граѓаните кои имаат потреба од итна медицинска грижа, но за нивното напуштање на домовите ќе треба да се најават во Министерството за внатрешни работи. Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми. За транспортерите на лица и на стока како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат државата.ЗАЕВ ОБЈАСНИ КАКО СЕ НАРАЧАНИ КИНЕСКИТЕ ВАКЦИНИ
Премиерот Зоран Заев потврди дека со министерот за здравство Венко Филипче преку посредници сакале да ги набават 200-те илјади кинески вакцини на Синофарм па дека поради тоа им бил вратен авансот. Целта, според премиерот, била да се најде начин како побргу да се стигне до вакцините.
- Во овој период правиме напори по какви било канали како што очекуваат нашите граѓани за час поскоро да ги имаат вакцините. После две недели, не можевме да добиеме контакт преку кинеската амбасада со Синофарм и дадовме нарачки преку приватни компании, кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да пристигнат преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада, рече Заев денеска.
Тој додаде дека преку писма за намери Владата остварила контакти со десетина приватни компании од разни земји за да се дојде побргу до потребниот број на вакцини.ДКСК ОТВОРИ ПОСТАПКА ЗА СОФТВЕРОТ НА РАШКОВСКИ
Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, потврди дека таа институција веќе отворила предмет за набавка на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
„По изнесените информации, на нашиот денешен Колегиум отворивме предмет, сметаме дека има доволно елементи за истражување на причините за набавка на тој софтвер и зошто тој уште не е во функција. Значи, по допрен глас од медиуми отворивме предмет“, нагласи Ивановска.
Таа рече дека предметот ќе биде распореден кај некој од членовите на ДКСК.ЧИТАЈТЕ УШТЕ
