Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФАКТОР ДОЗНАВА, Д-Р ИСЈАНОВСКИ УШТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЌЕ РАКОВОДИ СО ЗДРАВСТВЕН ДОМ СКОПЈЕ: „Се очекува отворањето на поликлиника Сарај“

ФАКТОР ДОЗНАВА, Д-Р ИСЈАНОВСКИ УШТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЌЕ РАКОВОДИ СО ЗДРАВСТВЕН ДОМ СКОПЈЕ: „Се очекува отворањето на поликлиника Сарај“

Актуелниот директор на Здравствен дом-Скопје, д-р Виктор Исјановски и во наредните четири години ќе раководи со оваа институција, дознава Фактор од проверени извори. Како што нè брифираат, д-р Исјановски, решението со кое се назначува неговата позиција, медицински директор на Здравствен дом-Скопје, го добил вчера.

Македонската јавност најмногу го знае по неговата активна улога за време на пандемијата на корона вирусот, кога ЈЗУ Здравствен дом Скопје со сите расположливи ресурси беше вклучен во борба против Ковид-19 и кога во земјава почна да се спроведува масовна вакцинација со ковид вакцините.

Инаку, во изминативе четири години Здравствен дом Скопје бележи низа активности при што е набавена нова апаратура на сите оддели за физикална медицина и рехабилитација, како и современа апаратура за патологијата уво нос и грло, односно отворен е нов кабинет за уво нос и грло во Поликлиника Чаир. Освен тоа, оваа здравствена институција располага со дигитализирани рентген апарати во сите рентген кабинети, додека, пак постоечките ехо апарати се заменети со нови софистицирани апарати во ехо кабинетите во рамки на Здравствен дом Скопје. Исто така, набавен е и нов гастроскоп во поликлиника Чаир.

За време на раководењето на д-р Исјановски со Здравствен дом Скопје, отворена е инсулинската аптека во поликлиника Ченто, а реализирана е и донација од Јапонската амбасада со  медицинска апаратура за потребите на Итната медицинска помош. Од понеделник, токму во Службата за итна медицинска помош стартуваат со работа нови 22 доктори.

Здравствен дом Скопје воведе пакс систем во сите служби за рентген дијагностика со што пристап до рентген кабинетите имаат сите  лекари од ЗДСкопје и лекари од други установи со кои институцијата има спогодба за меѓуинституционална соработка.

Една од новините, која треба да се случи до крајот на оваа година е отворањето на поликлиниката Сарај, каде што во тек се низа подготовки со опрема, а веќе има и конкурс за вработување на медицински кадар. Покрај превентивни служби во поликлиниката Сарај ќе функционираат и неколку специјалистички кабинети.

Секако, следна активност и тоа веќе од наредната недела на Здравствен дом Скопје е спроведувањето на вакцинацијата против сезонскиот грип на територија на град Скопје.

Анита Буховски

ФОТО: Фактор


Слично

Поврзани вести