ФАКТОР БРИФ: Дупки во законот по мерка на амнестираните
Македонија навистина е чудесна земја. Пред неколку месеци, Едните бараа тотална амнестија преку измена на членови во Кривичниот законик, а Другите тоа го апсолутно го одбиваа со образложение дека така се поништува правосудниот систем и правната држава. Сега Другите го предлагаат истото, а Едните се противат и повикуваат да се заштити правната држава!!! Кои се Едните, а кои се Другите најмалку е важно, бидејќи на крај ќе испадне дека се Истите. Оние за кои не важи правото, на кои се им е дозволено, за кои се прават дупките во законите.
За денеска е закажано ново отворање на дупки во Кривичниот законик. На дневен ред на собраниската Законодавно- правна комисија се измените на законикот, а веќе се познати и димензиите на дупките. Тие ќе бидат доволно големи за низ нив да се провлечат токму тие за кои и се прават.
Последниот четврток во месецот е ден кога пратениците можат да ги прашуваат министрите за тоа што сработиле. Да се надеваме дека некој ќе праша и зошто е потребно секој директор во јавно претпријатие да добие заменик. Ако ваков закон се носи за нови партиски вработувања, тогаш да го донесеме. И така, во државава човек не може да заработи со своја памет и со свои раце. Без партиски грб, ништо од бизнисот. Вака, сите закачени на државна цицка. ќе ја решиме невработеноста и сиромаштијата.
Ваква помош очигледно нема да им треба на извршителите, адвокатите и нотарите. Како пто денеска пишува „Фактор“, тоа се оние професии со чија „помош“ една неплатена месечна сметка од 1.500 денари ви се зголемува на 15.000 денари, „збогатена“ со трошоци на извршување во кои има и награда, адвокатски и извршни трошоци, казнена камата и камата на камата.
Човек не знае што е полошо. Дали да добиеш писмо од извршител или да излезеш надвор на загадениот воздух и минустите температури. Додека чекаме да дувне ветар и да ги одвее ПМ честиците, најдобро е да седиме дома. Така ќе направат и поголем број на нашите сограѓани, кои притиснати од беспарицата, новогодишната ноќ ќе ја дочекаат во домовите.
