ФАКТОР БРИФ: Чекајќи амнестија! Не е само Јустиција слепа
Избран на непосредни избори, консензуален или парламентарен, нов претседател на државата мора да има. Идната година ќе биде во знакот на претседателските избори. Власта е решена да се избере претседател на следните избори, а за тоа е подготвена да направи и уставни измени, со кои во случај на опозициски бојкот на изборниот процес, претседателот ќе се бира во Собранието. Изборите треба да бидат распишани на 2 или 3 февруари, а да се одржат на крајот на март. Во случај на неуспешни избори ќе се активира опцијата за уставни измени, а во тие 100 дена в.д. претседател ќе биде собранискиот спикер Талат Џафери.

Додека годинава што изминува нема да ни остане во сеќавање по некои значајни економски успеси на Владата, секако дека најголем дел од граѓаните со радост ќе ја прифатат одлуката дека Втори јануари се враќа како неработен ден. Уште да го вратат и 2 мај и кој е како нас.
Денеска, во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија. И како што е можно само кај нас, напоредно со изведувањето докази, тече и постапката за амнестија на обвинетите. Уште неосудени, 62-ца поднеле барање за амнестија во законскиот рок. По се изгледа, не е слепа само Јустиција.

На брифингот ќе бидат презентираат состојбите во АРМ за функционалните области како што се персонален менаџмент, морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно- воената соработка. Дали ќе стане збор за дупнатите чизми, излижаните униформи, истрошената опрема и за прекувремените часови исплатени со слободни денови наместо со пари, останува да видиме?
