„ФАКТИТЕ СЕ ЈАСНИ, СТАНУВА ЗБОР ЗА РЕШЕНИЕ ДОНЕСЕНО ПРЕД ТРИ МЕСЕЦИ“: Митева контра Жерновски
Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето.
Ова го напиша на социјалните мрежи портпаролката на Владата, Марија Митева, по објавите на Жерновски и неговата пресконфренција поврзана со дискусии за судка одлука меѓу нив двајцата во телевизиска дебата.
- Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла - пишува во објавата на Митева.
Таа додава „секогаш стојам на кажаното', и потоа посочува дека решението за тужбата било донесено пред три месеци, и дека нема ништо спорно во нејзината изјава.
- Фактите се јасни, станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано. Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста.
За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет.
Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар - нагласува Митева.
Портпаролката воедно укажа дека нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, и додава дека тоа време заврши.
- Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти.
Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги! - заклучува Митева.
