ФАКТ Е ДЕКА МВР НЕ ПОСТАПИЛО СООДВЕТНО: Кузеска со серија обвинувања за несреќата во Кочани
Најтешката трагедија во поновата историја на нашата држава – трагедијата во Кочани – однесе уште една жртва. Болката се уште е огромна, а прашањата за одговороност за институционалните пропусти– сè погласни, истакна на прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Трагедија со вака тешки последици, со толку голем број на жртви повикува на неселктивна истрага и одговорност од сите.
Но и покрај сите пропусти непосредно на денот на кобната ноќ и пред тоа, сè уште ниту еден командир, инспектор, началник или функционер на МВР – од ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ – не е повикан на распит, ниту опфатен со истрагата.
А токму тие биле на функција, имале законска обврска и должност да постапат на 16 март!
Законот за јавни собири јасно вели дека за масовен настан со над 600 луѓе, мора да има полициско присуство и безбедносен план, дури и ако не бил формално пријавен.
Факт е дека МВР не постапило соодветно, не изготвило безбедносен план, не направило проценка на ризик, иако настанот бил јавно најавен.
Исто така, МВР е надлежно за дозволите и контролата на употреба на пиротехника во затворен простор – која што е основна причината за пожарот.
Полицијата, која била на лице место кобната ноќ во диското – видела малолетници, пиротехника, непријавен настан, клуб без лиценца – и не презела ништо!
Значи сите контролни механизми и безбедноста кои се во надлежност на МВР – особено Бирото за јавна безбедност, СВР Штип и ОВР Кочани затаиле.
Како е можно да нема никаква одговорност од актуелните полициски функцинери кои биле на позиции тој ден?
Еден од тие функционери е Томо Донев, началник на криминалистичка полиција во Кочани.
Тој е фотографиран на партиски состанок на ВМРО-ДПМНЕ иако според Законот, забранета е политичка активност за полициски службеници.
Јавно прашуваме:
Дали поради оваа близина со ДПМНЕ досега не се опфатени со истрагата актуелни фукцинери од МВР?
Ова не е прашање на политика. Ова е прашање на одговорност и правда.
Граѓаните, жртвите и нивните семејства заслужуваат одговори а јавноста бара одговорност, од прв до последен“, рече Кузеска.
