„Фајненшел тајмс“ го смени насловот: „Македонија размислува да го користи привременото име за да влезе во НАТО“
Британскиот весник „Фајненшел тајмс“ кој утрово објави текст со наслов „Македонија прелага промена на името во обид да му се приклучи на НАТО“, по неколку часа го смени насловот во „Македонија размислува да го користи привременото име за да влезе во НАТО“.
Првиот наслов предизвика серија негативни коментари во Скопје, во исто време додека владина делегација на чело со премиерот, Зоран Заев е во посета на Брисел на средби во НАТО и седиштето на ЕУ.
Во текстот е цитиран македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров кој во среда патува за Атина на средба со грчкиот колега, Никос Коѕиас.
„Ќе побарам Грција да се преиспита каков сосед сака – дали сакаат стабилна, пријателска земја која што нуди надеж за демократија и правда? Ако сме добар сосед, тогаш се надевам дека политичките сили во Грција ќе сфатат дека ова е историска можност“- изјавил Димитров за „Фајненшел тајмс“.
Според „Фајненшел тајмс“, Димитров кажал дека е прерано да се дискутира за какви било предлози за името, и ќе се сретне со грчките министри в среда за да ја обнови довербата меѓу двата соседи откако Атина стави вето за македонското влегување во НАТО.
